Изречената пресуда не е правосилна и на неа странките, односно Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје
Од опозицискиот СДСМ, каде Андонов неодамна беше назначен за член на Извршниот одбор, ја обвинија актеулната власт дека преку „нарачани судски пресуди“ врши директна репресија врз нивни партиски функционери. Владејчката ВМРО-ДПМНЕ, отфрлајќи ги обвинувањата, во реакција наведе оти Андонов бил назначен за член на Извршниот одбор на опозициската партија со цел пресудата за него подоцна да се претстави како политички прогон
Поранешниот директор на затворот „Скопје“ и актуелен член на Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ, Филип Андонов-Сокол, е прогласен за виновен и осуден на осум месеци затвор во судскиот процес што против него и уште шестмина затворски полицајци се водеше за злоупотреба на службената положба и овластување, соопштиjа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата е изречена вчера, а според соопштението од Кривичен, Андонов е единствен од обвинетите осуден на затворска казна, додека на останатите шест затворски полицајци им се изречени алтеранативни мерки – условни казни затвор кои нема да се реализираат доколку тие во наредните една, односно три години не сторат ново кривично дело.
Од Судот велат дека при донесувањето на пресудата и одмерувањето на казните биле ценети сите олеснителни и отежнувачки околности во однос на обвинетите.
„Обвинетиот Ф. А. (Филип Андонов – Сокол н.з.) за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 во врска со член 45 и член 22 од Кривичниот законик (КЗ), Судот го осуди на казна затвор во траење од осум месеци“,
се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Според него, обвинетите П. А. и Е. О. се осудени на условна казна затвор од шест месеци, која нема да се ефектуира доколку во наредните две години од правосилноста на пресудата не сторат друго кривично дело.
Условна казна од осум месеци затвор му е изречена на обвинетиот Т. Н., кому освен за злоупотреба на службената положба и овластување му се судеше и за несовесно работење во службата. Тој нема да оди во затвор доколку во следните три години не стори друго кривично дело.
Обвинетите Ѓ. Р. и С. П., пак, се осудени на по три месеци условна казна, што нема да се реализираат под услов да не дојдат во судир со законот во наредната една година од правосилноста на пресудата.
На обвинетиот К. В., кој е осуден за несовесно работење во службата, условната казна затвор му изнесува три месеци, со тоа што во наредната една година не треба да стори друго кривично дело.
Како што додаваат од Кривичен, изречената пресуда не е правосилна и на неа странките, односно Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.

Инаку, пресудата со која ексдиректорот на затворот во Шутка е осуден на осум месеци затвор беше повод за меѓусебни преписки и обвинувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ја обвинија актеулната власт дека преку „нарачани судски пресуди“ врши директна репресија врз партиски функционери од опозицијата.
Според социјалдемократите, коалицијата ВМРО – ЗНАМ ја активирала последната фаза од својата кампања, која, според нив, вклучува политички прогон, а доказ за тоа е пресудата против Филип Андонов.
„Ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа. Нема повеќе независно судство, ниту независно обвинителство. Сè ставија во своите канџи“,
наведоа од СДСМ во партиското соопштение.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлија обвинувањата од СДСМ, наведувајќи, меѓу другото, дека Андонов бил назначен за член на Извршниот одбор на опозициската партија со цел пресудата за него подоцна да се претстави како политички прогон.
„Јасно беше уште од од почетокот дека Филип Андонов беше ставен во Извршниот одбор на СДС бидејќи самите знаеја дека е виновен, па сега тоа го продаваат како политички прогон. СДС е како буквар, прочитани се од сите“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
За потсетување, обвинението против ексдиректорот и затворските полицајци беше поднесено на 8 јули годинава и според него тие се товареа дека лани во периодот од март до јули со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, односно дека на петмина осуденици им овозможувале погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода надвор од установа“,
соопштија тогаш од Основното јавно обвинителство за гонење организиран кримина и корупција (ОЈО ГОКК).
Постапката, односно истрагата за случајот беше отворена на крајот на февруари годинава со претреси на повеќе локации што во координација со ОЈО ГОКК ги извршија екипи на Министерството за внатрешни работи.

Судскиот процес започна на 20 август, но првото рочиште беше одложено на барање на одбраната за да може да ги разгледа доказите што истиот ден ги доби од Обвинителството.
Во изјава за медиуми Андонов тогаш кажа дека за три и пол години како директор на затворот „Скопје“ во ниту еден случај не го прекршил Законот за извршување санкции, како и дека затворската полиција правилно си ја вршела работата и оти полицајците се бесправно обвинети.
На рочиштето на 2 октомври, Андонов се изјасни дека се чувствува невин за делото за кое е обвинет, наведувајќи дека тоа било негово дискрециско право што го користел во повеќе наврати.
Инаку, во случајот беше обвинет уште еден затворски полицаец, но за него постапката беше одвоена поради неговата здравствена состојба.
