Претседателката на ДКСК потврдува дека, по иницијатива на потпретседателката на парламентот, е отворен предмет за Горан Николовски, за кого посочува дека уредно доставил анкетен лист – и по именувањето и по разрешувањето на функцијата
Фросина Ременски вели дека пријавата во овој случај не е поврзана со „Рекет“, ама дека, сепак, треба да се истражи дали тоа што Николовски живее во куќа на адвокатот на Камчев е можеби причина зошто не биле преземени службени дејствија што требало да бидат преземени
Последниот директор на згаснатата Управа за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски уште при поднесувањето на анкетниот лист во Антикорупциската комисија пријавил дека живее на имот за кој потпретседателката на Собранието Фросина Ременски вели дека е сопственост на адвокат на бизнисменот Орце Камчев.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, потврдува за „360 степени“ дека, по претставка на Ременски, е отворен предмет за Николовски, како и за заминувањето во пензија на поранешниот заменик-директор на УБК, Силјан Аврамовски – случај кој датира уште од 2014 година.
„Ние постапуваме по овие предмети, како и за секој друг предмет за кој има претставка. Во ДКСК има многу предмети и иницијативи што се разгледуваат. Кога ќе има конкретни заклучоци и ако се утврдат прекршувања, ќе можеме да соопштиме повеќе информации во јавноста“,
вели Ивановска.

За случајот со поранешниот директор на УБК, таа посочува дека Николовски во анкетниот лист што го доставил до ДКСК ја навел како живеалиште адресата што денеска ја спомна Ременски. Исто така, вели дека Николовски доставил анкетен лист за имотната состојба и при именувањето и при разрешувањето од функцијата директор на УБК, која му престана по сила на закон. На интернет-страницата на ДКСК моментно не е објавен анкетниот лист за имотната состојба на Николовски, веројатно поради тоа што тој не е веќе функционер.
Пријави
Ременски кон крајот на минатата година иницирала неколку постапки пред Антикорупциската комисија. Таа денеска беше во ДКСК да се информира до каде се предметите, по што изјави дека Комисијата веќе констатирала дел од работите на кои таа укажувала.
„Се уверив дека членовите на ДКСК имаат преземено сериозни чекори и дека реално можам да очекувам исход од моите пријави“,
изјави Ременски откако со членовите на ДКСК претпладнево ги разгледале сите пријави во врска со постапување на институциите што таа ги поднела преку парламентарен надзор, како и идните пријави што треба да бидат процесирани.
Се работи за предмет за противправно овозможување пензија на заменик-директорот на УБК, Силјан Аврамовски, во мандатот на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Во овој случај, според Ременски, има сериозни прекршувања на законот.
Вториот предмет се однесува на Николовски за кој, како што рече Ременски, ДКСК во досегашното постапување констатирала дека поранешниот директор на УБК живее на тој имот.
Според доскорешната потпретседателка на СДСМ, останува да се доистражат можностите и релациите за корупција во врска со актуелни предмети на Обвинителството и предмети на СЈО. Односно, дали Николовски од позиција на директор влијаел или овозможил некакво добро на свој поранешен шеф, а во врска со предметот „Рекет“.
„Треба да се истражи дали тоа што директорот живее во куќата на адвокатот на Орце Камчев е можеби причина зошто не биле преземени службени дејствија што требало да бидат преземени“,
изјави Ременски.
Таа посочи дека пријавата за овој предмет во ДКСК не е поврзана со случајот „Рекет“, но, како што рече, останува сомнеж дека „непостапувањето по службена должност на директорот на УБК, кому семејството Камчеви во неколку наврати му пријавило дејствија, е поради фактот што тој живее во куќата на неговиот адвокат“. Ременски додаде и дека, покрај кривични дела со сторување, има и кривични дела со несторување, со оглед на тоа што Николовски, иако во ноември 2018 примил информации дека се случува „Рекет“, до мај 2019 година немал службено постапување.

На новинарско прашање дали, покрај директорот на УБК, во тоа време бил информиран и политичкиот врв, Ременски рече дека претпоставува дека не бил.
„Ако бил информиран државно-политичкиот врв, тогаш сигурно немале да следуваат јавните појавувања и дружби на политичари, јавни обвинители, луѓе од правосудството со обвинетите во ‘Рекет’“,
додаде Ременски, која е меѓу обвинетите за случајот „Рекет 2“, кој се однесува на работењето на „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски.
Во своето сведочење пред судот за „Рекет“, бизнисменот Камчев кажа, меѓу другото, дека за случајот прво го информирал директорот на УБК, кој му рекол да ги зачува сите материјали што ги има во врска со изнудувањето и дека може да ѝ верува на обвинителката Вилма Рускоска.
Николовски беше именуван за прв човек на УБК летото 2017 година, а Владата го разреши од функцијата во септември 2019, кога почна да функционира новата Агенција за национална безбедност. Формирањето на оваа Агенција, која е под надлежност на Владата, значеше згаснување на УБК, која беше „под капа“ на МВР. Оваа трансформација на разузнавачкиот сектор беше дел од реформите во безбедносната сфера, согласно со препораките на тимот на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе. Анализата на експертскиот тим на ЕК упатуваше на тоа дека УБК е главен „поттикнувач“ на големата политичка криза во земјата по откривањето на аферата со масовното незаконско прислушување.
Ќе се испитува и случајот за набавка на опрема во МВР
Ременски, по денешната средба со членовите на ДКСК, изјави и дека е пријатно изненадена што Комисијата подготвува постапување во врска со долгогодишниот предмет во предистрага кој се однесува на опремување на Министерството за внатрешни работи со лаборатории, што таа го пријавила во 2013 година. Рече дека до 4 април ќе се заокружат седум години како таа пријава стои во фиока кај обвинителката Гордана Смаќовска.
„Станува збор за класична злоупотреба на тендерска постапка за опремување на МВР, преку злоупотреба на Министерството за образование и наука, односно Факултетот за безбедност, а во врска со три лаборатории во вредност од 4,2 милиони евра. Јас таа пријава ја поднесов на 4 април 2013 година, поради што бев суспендирана од продекан за настава и наука на Факултетот за безбедност“,
рече Ременски.