Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата денеска едногласно ги предложила за заменик-министерските позиции во министерствата за образование и наука и за етнички заедници
Орхан Муртезани е кандидатот за министер за европски прашања во идната влада што го предлага Алтернатива, која е дел од коалцијата „Вреди“, соопштија доцна попладнево од партијата.
Одлуката поранешниот генерален директор на МЕПСО и на „Македонски железници – транспрот“, да биде кандидатот за оваа функција, како што информираа оттаму, била едногласно донесена на денешниот состанок на централното претседателство на партијата. Муртезани, инаку, е актуелен секретар за односи со јавност и портпарол на Алтернатива.
На денешниот состанок партијата, исто така, ги утврдила и своите кандидати за заменик-министерските позиции во Министерството за образование и наука и во Министерството за етнички заедници.
За заменик-министер во Образование партиското тело на Алтенратива едногласно одлучило да го предложи Лулзим Алиу, додека за заменичката позиција во новото Министерство за етнички заедници кандидат е Сафије Садики-Шаини.
Алиу, како што се наведува во соопштението, е универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик-министер за образование, а во моментов во партијата ја извршува функцијата секретар за стратегиски политики.
За Садики-Шаини се наведува дека е, исто така, универзитетски професор, поранешна пратеничка и потпреседателка на Алтернатива.
На денешниот состанок на централното претседателство на Алтернатива станало збор и за испразнетото претседателско место во партијата, откако доскорешниот Африм Гаши си поднесе оставка пред да биде избран за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Неговиот наследник, велат оттаму, ќе се избира на вонреден конгрес на партијата.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседастел на Алтернатива“,
се наведува во соопштението од Алтернатива.
Вчера своите предлози за министри министерствата за правда и за јавна администрација ги соопшти Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
За министер за правда е предложен Игор Филков, додека кандидат за прв човек во Министерството за јавна администрација е Горан Минчев.
Ден претходно, односно во четвртокот, своите кандидати за раководните позиции во три ресори ги соопшти Движењето Беса. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски најави дека официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.
Утре попладне, за кога се закажани седниците на Извршниот и на Централниот комитет, треба да се познати и кадровските решенија на ВМРО-ДПМНЕ за министерските места во идната влада.
Претседателот на Демократско движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, во понеделникот најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари ќе биде министер за здравство.
Според Меџити, сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи, кој беше од крилото на Таравари во Алијансата за Албанците.