Скопското Обвинителство ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ), откако неодамна главниот град беше преплавен со смет
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ги одбил жалбите на одбраните и го потврдил притворот на сега веќе поранешниот в.д. директор на „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и на управителот за отпад во јавното претпријатие, Аки Саити, информираа денеска од Судот.

Претходно, на 28 октомври, Кривичен го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи по 30 дена притвор на Рустеми и на Саити поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, на што нивните бранители вложија жалба, за која во оваа фаза од постапката одлучуваше Кривичниот совет на првостепениот суд.
Рустеми и Саити, односно нивните адвокати, одлуката за мерката притвор можат да обжалат и пред Апелацискиот суд.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага откако неодамна главниот град беше преплавен со смет. Ситуацијата предизвика и политички препукувања меѓу двата круга од локалните избори.
Обвинителството ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ).
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“,
соопштија од Јавното обвинителство на 28 октомври.
Оттаму тогаш посочија дека ваквите сомненија се констатирани при вонредните инспекциски надзори извршени по наредба на Јавното обвинителство, како и со добиеното експертско мислење од Институтот за јавно здравје.
По притворењето, Рустеми си поднесе оставка на функцијата, по што градоначалничката на Скопје во заминување, Данела Арсовска за нов в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје го назначи Александар Јовановски од Секторот за инспекторат на Градот Скопје.
