Поранешниот командант на ОНА, Абедин Зимбери, апелира до сите политички партии да не ја почнуваат предизборната кампања со националистичка реторика или, како што вели, „задирајќи во раните од конфликтот од 2001 година“. Тој смета дека партиите треба да се натпреваруваат со економски проекти.
„Сите сме свесни дека се наоѓаме во 2020 година. Доста со минатото, време е да конкурирате со економски развојни проекти. Почнете кампања со позитивна енергија, да создаваме убава иднина за генерациите што доаѓаат. Иднината можеме да ја смениме, таа е пред нас, а минатото нека ни служи за поука за да не згрешиме во иднина. Патриотизам е да градиме поубав живот за нашите деца, да градиме здрава економија, здраво образование, добро здравство, правда и мир. Сѐ друго што ќе зборувате е само манипулација, сиромаштија, иселување, конфликти и враќање назад. Граѓаните веќе се уморни од национализам, поделби и кавги. Нека победи најдобриот што ќе ни обезбеди сигурна и просперитетна иднина. Со среќа нека е…“,
напиша Зимбери на својот фејсбук-профил.
Коментарот на Зимбери доаѓа откако владејачката ДУИ ја почна предизборната кампања под слоганот „Време е за прв премиер Албанец“. Идејата на ДУИ за премиер Албанец беше објавена на одбележувањето на 18 години од основањето на Демократската унија за интеграција.
По ова, доскорешниот премиер Зоран Заев возврати дека ако победи СДСМ тој ќе биде и идниот премиер или, доколку не победи неговата партија, премиер ќе биде оној што ќе добие поддршка, за што не е клучна етничката припадност.
Заев порача дека доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада.
