Светска банка во извештајот препорачува дека на среден рок земјава ќе треба да ја зајакне одржливоста на јавните финансии и да го насочи својот фокус кон решавање на структурни предизвици, вклучувајќи ги нискиот и опаѓачки човечки капитал, слабата регулаторна рамка, политиката за конкуренција, судството, ниската продуктивност и зголемената миграција
Економскиот раст на Северна Македонија годинава се очекува да забави до 2,7 проценти при што реалниот БДП до средината на годинава ќе го достигне нивото пред пандемијата, оценува Светска банка (СБ) во Редовниот полугодишен економски извештај за државите од Западен Балкан.
Основното сценарио на Светската банка се потпира на претпоставката дека акутната фаза на кризата ќе се ублажи во вториот квартал од годинава, дури и ако ефектите од санкциите заради војната во Украина продолжат и во текот на 2022, но и 2023 година.
„Енергетскиот сектор, земјоделството и автомобилската индустрија ќе бидат попогодени од останатите сектори. Доколку се пролонгира војната во Украина дополнително ќе се намали надворешната побарувачка, ќе се зголемат цените на клучните стоки и енергијата, ќе се попречи мобилноста и ќе се одложат инвестициите“,
оценува СБ во прелиминарниот извештај и нагласува дека ова сценарио би довело до уште помал раст и фискални приходи, како и зголемени барања за фискална поддршка и пораст на трошоците за финансирање.
Фискалниот дефицит во земјава, нагласуваат од СБ, се очекува да остане на високо ниво и во 2022 година согласно со континуираната поддршка на фирмите и домаќинствата за ублажување на влијанието од енергетската криза и кризата поврзана со воениот конфликт во Украина.
Посочуваат дека фискалниот дефицит постепено ќе се намалува до 2024 година оставајќи го јавниот долг над 64 проценти од БДП. Сепак, додаваат оттаму, среднорочните изгледи остануваат позитивни, но ризиците во голема мера се надолни и нагласени.
Како ставки кои продолжуваат да натежнуваат на перспективите на Северна Македонија, СБ меѓу другото ги наведува политичката ситуација, парализираната состојба во Парламентот, зголемените притисоци на минималната плата кои ги зголемуваат другите инфлаторни притисоци, тековната енергетска криза, долготрајниот пандемиски шок, војната во Украина, продолжените прекини во синџирот на снабдување,
„Зголемената политичка несигурност и одложените преговори за пристапување во ЕУ, во услови на енергетска и здравствена криза може да доведат до послаб апетит за реформи потребни за зајакнување на потенцијалниот раст и консолидирање на јавните финансии. Заострувањето на глобалните финансиски услови може да влијаат на опциите и трошоците за финансирање на Северна Македонија во блиска иднина. На позитивната страна е реализацијата на Планот за забрзување на растот кој го таргетира развојот на човечкиот капитал, зелената транзиција и дигитализацијата што може да го поттикне потенцијалниот раст“,
оценува СБ.
Во извештајот, Светската банка препорачува дека на среден рок земјава ќе треба да ја зајакне одржливоста на јавните финансии и да го насочи својот фокус кон решавање на структурни предизвици, вклучувајќи ги нискиот и опаѓачки човечки капитал, слабата регулаторна рамка, политиката за конкуренција, судството, ниската продуктивност, и зголемената миграција.
„Дополнително, владата ќе треба да ја преиспита и рационализира државната помош за да ги реши проблемите на фискалната одржливост и да обезбеди понасочена поддршка за домашната економија“,
велат од СБ и додаваат дека напорите за структурни реформи треба да се усогласат со зелената агенда и да овозможат транзиција кон ниско ниво на емисии на јаглерод и намалени емисии на стакленички гасови.
