Магазинот „Економист“, во својата традиционална ранг-листа што ја објавува на крајот од секоја година, ја вброи С.Македонија во државите што дале најмногу причини за среќа и оптимизам во 2019 година.
Во текстот насловен „Која нација најмногу напредуваше во 2019 година“, С.Македонија, Судан и Нов Зеланд се посочуваат како држави кои најмногу напредувале во изминатата година, додека овогодишен победник е Узбекистан, земјата која, како што наведува весникот, го укина ропството.
„Економист“ за С.Македонија пишува како за импресивен пример, која преку промената на името придонела за промоција на мирот во соседството.
„Грција се противеше на поранешното име на земјата, Македонија, поради грчкиот регион со исто име. Грчката непопустливост го блокираше пристапување на земјата во НАТО и започнување на преговори со Европската Унија. Пратениците во Скопје ја проголтаа гордоста и изгласаа промена на името на државата. Гласањето се случи во февруари годинава. Односите со Грција сега се многу подобри. Изворот на раздор сега е отстранет од нестабилниот регион. С.Македонија е на пат кон полноправно членство во НАТО. За жал, Емануел Макрон, претседателот на Франција (земја на годината во 2017), ја блокира кандидатурата за ЕУ, стравувајќи дека пристапувањето на уште една земја од Балканот во клубот ќе ги изнервира француските гласачи“, пишува „Економист“.
Овогодишен победник е Узбекистан, земја која под водство на Шавкат Миромонович, како што посочува весникот, спровела значителни реформи укинувајќи ги затворските работни кампови, дозволи влез на странски новинари и ја зајакна борбата против корупцијата.
„Економист“ оценува дека Узбекистан сè уште има долг пат пред себе до полна демократија, но ниту една друга држава не напредувала повеќе од неа во 2019 година.
Според весникот, и Нов Зеланд заслужува почесно место поради одговорот на премиерката Џасинда Ардерн на масакрот во џамија во Крајстчрч, кога излезе јавно со шамија и рече дека напад на муслимани е напад на сите жители на Нов Зеланд, по што нејзината влада забрани полуавтоматско оружје и откупи илјадници парчиња од јавноста.
„Економист“, исто така, оценува дека Судан е значително помалку деспотска држава во 2019 година.