Пред насобраните граѓани се обратија повеќе активисти и граѓани, кои алармираа за состојбите со аерозагадувањето во Струмица, притоа потенцирајќи дека едвај педесетина дена во годината градот не е загаден и дека постојано ги зазема највисоките места во домашните и европските мерења за аерозагадување
Денеска во Струмица се одржа граѓански протест од кој присутните повикаа на нула толеранција за аерозагадувањето во градот и упатија повеќе барања до институциите за зајакнување на механизмите за откривање на загадувачите и нивно казнувањето.

Протестот се одржа во центарот на Струмица, каде што активистите обединети во Здружението „Здрава котлина“ порачаа дека јавната свест за овој сериозен проблем се зголемува и дека граѓаните нема да се откажат сѐ додека не се видат конкретни решенија и подобрување на состојбата со амбиенталниот воздух во градот.
Набавка на дрон специјализиран за мерење на квалитетот на воздухот, вработување на пет инспектори за животна средина, техничка и теренска ревизија на сите издадени „А“ и „Б“ дозволи, како и на сите постоечки елаборати за заштита на животната средина, зголемен буџет за заштита на животната средина, обезбедување материјални средства за 100 тестови во акредитирана лабораторија, поставување камери на дивите депонии и јавно објавување и отчет за работата на инспекторите во општината, беа дел од барањата упатени од протестот, пренесе МИА.
Дополнително, тие побараа од сите пратеници во Собранието кои се од Струмица да поднесат иницијатива за итна измена на Законот за индустриски емисии со бришење на деловите каде што се дозволува деловна тајна за процесите на емисија, законска можност за загадување повеќе од дозволеното, како и вметнување на обврската за воспоставување автоматски мониторниг со постојната видливост на резултатите за сите фирми со „А“ и „Б“ интегрирани еколошки дозволи.
„Ако овие наши барања не се исполнат во најкус можен рок, ќе продолжиме со протести и блокади се до нивното остварувањето. Струмица има право да дише. Сакаме чист воздух“,
порача актерката Оливера Аризанова-Мансбарт.
Пред насобраните граѓани се обратија повеќе активисти и граѓани, кои алармираа за состојбите со аерозагадувањето во Струмица, притоа потенцирајќи дека едвај педесетина денови во годината градот не е загаден и дека постојано ги зазема највисоките места во домашните и европските мерења за аерозагадување.

На протестот, кој се одржа под мотото „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“, присуствуваа и лекари. Докторката Борка Грнчарова, специјалист по радиодијагностика вели дека не се потребни апликациите и мерните станици за струмичани да знаат колку е загаден воздухот.
„Ние знаеме дека воздухот е загаден, го чувствуваме тоа“,
рече д-р Грнчарова, пренесе ТВ Телма.
Според Нина Цикарска, проблемот со загадувањето не е нерешлив, туку е резултат на мрзеливост, корупција и неинвентивност.
Инаку, лани во февруари и во јули исто така беа организирани протести во Струмица поради аерозагадувањето во овој град.
