Грчкиот медиум објави дека една од темите на денешната средба помеѓу грчкиот и македонскиот министер за надворешни работи ќе биде зголеменото употребување на името „Македонија“ без „Северна“ од страна на високи политички чинители во земјава
На средбата која се одржува денеска во Атина помеѓу грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Гераптеритис и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се очекува грчката страна да изрази загриженост поради непотполното спроведување на Преспанскиот договор, јавува грчки „Екатимерини“. Средбата доаѓа во услови на засилен притисок од Европската Унија врз Македонија за почитување на преземените обврски во рамки на процесот на пристапување во унијата.
Грчкиот медиум пишува оти иако постојат позитивни примери за соработка помеѓу двете земји, како помошта од грчка страна за повредените лица од пожарот во Кочани кој беа згрижени во некои грчки болници, како и во однос на помошта за справување со пожарите во земјава, официјална Атина е вознемирена од се почестото користење на името „Македонија“ без уставниот префикс „Северна“ од страна на високи политички чинители во државава, како претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министри кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнителен проблем за грчката страна е избегнувањето на придавката „Северна“ и во јавниот дискурс и државните институции, како и кај спортските федерации.
Претходно денеска, министерот Тимчо Муцунски на социјалните мрежи напиша дека на средбата ќе се разговара за билатерална соработка, економијата и инвестициите и оти заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе остварат средба со челниците на грчката компанија „Ронтис“ која веќе инвестира и работи на македонскиот пазар.
Тој рече и оти до крајот на неделава ќе учествува на министерски состанок во Истанбул, каде што на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе се сретне со колегите од целиот регион.