Широка поддршка во парламентот во Атина за првата жена на чело на државата
Екатерини Сакеларопулу е прва жена во Грција која доаѓа на чело на државата. Денеска таа беше избрана во парламентот во Атина, со широко мнозинство, односно со поддршка од три партии и со 261 глас – 61 повеќе од неопходниот минимум.
На специјалната седница во грчкиот парламент гласаа 294 од 300 пратеници. Од нив, 261 пратеник го поддржаа предлогот на владата на Кирјакос Мицотакис, Сакеларопулу да биде претседателка на државата.
На 13 март Сакеларопулу, досегашната претседателка на Советот на државата – највисоко судско тело во Грција, ќе положи свечена заклетва и ќе ја преземе функцијата од досегашниот претседател Прокопис Павлопулос. Зад нејзината кандидатура за претседателка на Грција застанаа владејачката Нова демократија и опозициските СИРИЗА и Движењето за промени.
Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите и странските дописници, рече дека Сакеларопулу е обединувачки и меритократски избор и дека ќе биде олицетворение на единството на нацијата.
„Истовремено е опција од иднината што ја симболизира новата ера во која влезе земјата. И што има подобро од една жена да ја симболизира националната преродба на нашата татковина“,
истакна Пецас.
Претседателка без партиска боја
Претседателот во Грција има само репрезентативни функции и се држи настрана од дневнополитичките работи. Се смета за фактор кој интегрира, од кого се бара дискретен совет, пред сѐ во кризни времиња. Ваквата обврска претседателот во заминување, конзервативецот Прокопис Павлопулос ја исполни кога во врвот на должничката криза се заложи за останување на Грција во еврозоната и за таа цел одржуваше интензивни контакти со тогашниот француски колега Франсоа Оланд. И социјалистот Каролос Папуљас, претходникот на Павлопулос, беше во првите редови во 2012 година кога требаше да се надмине политичкиот хаос и да се одбере вистинскиот тон во односот кон неонацистичката партија Златна зора.
Сите досегашни претседатели имаат едно заедничко – сите се искусни политичари и дел од политичкиот естаблишмент. Но случајот на Екатерини Сакеларопулу е поинаков: 63-годишната правничка, која не припаѓа на ниту една партија и тешко е да се предвиди како таа ќе работи, особено во однос на конзервативната партија која ја номинираше за функцијата.