За опциите кои им остануваат на земјите, од ЕК велат дека не се мешаат дали ќе се нарачуваат директно од производителите, да се откупат од други земји кои имаат вакцини, да се чекаат донации или да се набават вакцините од Русија или Кина
Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кои денеска во Брисел се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, не добиле конкретен рок кога Северна Македонија може да очекува вакцини од ЕУ.
Како што јави МИА од Брисел, повикувајќи се на извори во Европската комисија (ЕК), институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток за своето население, каде вакцинацијата е почната од 27 декември лани.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, попладнево соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија „АстраЗенека“, која најави дека ветените дози ќе доцнат, и побарала конкретни одговори зошто се одлагаат ветените количини вакцини, кофинансирани од ЕУ.
За Северна Македонија и за регионот ова значи дека „во наредните недели“ нема да добијат вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот механизам за солидарност на ЕУ, најавен минатата недела.
За опциите кои им остануваат на земјите, од ЕК велат дека не се мешаат дали ќе се нарачуваат директно од производителите, да се откупат од други земји кои имаат вакцини, да се чекаат донации или да се набават вакцините од Русија или Кина.
Но, од ЕК за МИА потенцираат дека руската и кинеската вакцина се уште не се одобрени во ЕУ и набавката би била на одговорност на националните власти.
Европската Унија, која е најголем финансиер во механизмот Ковакс, минатата недела одлучи да креира свој механизам за споделување вакцини со посиромашните трети земји. Овој механизам треба да го покрие периодот на чекање додека Ковакс не профункционира.
Претседателката на Европската комисија минатата недела предупреди дека споделувањето вакцини со земјите со низок и среден приход е неоходно, затоа што колку подолго циркулира вирусот во светот, толку поголеми се ризиците од опасни мутации.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој досега покажа најголемо залагање за земјите членки да споделат вакцини со соседството што е можно поскоро, денеска истото им го посочил и на и на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се состанаа во Брисел.
Доколку еврокомесарот успее да добие зелено светло за неговата иницијатива, се очекува земјите од Западен Балкан први да добијат вакцини пред останатите соседи на Унијата.
Од Комисијата, исто така, велат дека на земјите во регионот им помагаат и за сите други процедури како одобрувања и национални стратегии.