Меѓу останатите проекти кои ќе бидат поддржани со финансискиот пакет од ЕК тежок 2,1 милијарди евра е изградбата на автопатски делници и подделници од Коридорот 8 во Северна Македонија. Земјава дополнително ќе добие поддршка за проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа
Со финансиски пакет од 2,1 милијарди евра, Европската комисија (ЕК) ќе поддржи 14 водечки инвестициски компании и приватниот сектор на земјите од Западен Балкан. Ова е петти инвестициски пакет согласно Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кој ќе ги поддржи компаниите за транспорт, енергија, животна средина и човечки капитал, се наведува во објавата на официјалната веб-страница на ЕУ.

Финансискиот пакет, како што се додава понатаму во соопштението, содржи 528 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан.
Меѓу останатите проекти кои ќе бидат поддржани со овој финансиски пакет од ЕУ е изградбата на автопатски делници и подделници од Коридорот 8 во Северна Македонија. Земјава дополнително ќе добие поддршка за проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа.
Дел од средствата се предвидени и за изградба на делници од автопатот на Коридорот 5-ц во БиХ, за рехабилитација на хидроцентралите во Србија и БиХ и за воведување на еколошки јавен превоз во Тирана.
Коментирајќи го финансискиот пакет, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека со ваквата помош, ЕУ испраќа порака оти иднината на земјите Западен Балкан е во Европската Унија, а дека проектите за кои ЕУ дава финансиска поддршка, подобро ќе го поврзат регионот одвнатре, но и со Унијата.
„Сега, ги повикувам нашите партнери од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции да ги реализираат овие проекти што е можно поскоро за граѓаните и бизнисите во регионот да можат да ги искористат придобивките од овие инвестиции“,
порача еврокомесарот за проширување Вархеји.
Европската комисија не одобри ниту еден од проектите поднесени од Косово и Црна Гора. Приштина е одбиена поради непочитување на европските барања во врска со смирување на тензиите на северот на земјата, а проектите поднесени од Црна Гора биле оценети како предвремени и неподобни.