Ја знаете добро позицијата на ЕУ за тоа дека не сме за никаква промена на граници, ова треба да се отстрани, какви нон-пејпери и да се појават во иднина или да се појавиле во минатото, нашиот став е јасен, изјави портпаролот Ерик Мамер
Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, вели дека никој во ЕК не го видел ниту фамозниот нон-пејпер, кој наводно е поднесен од страна на словенечкиот премиер Јанез Јанша, ниту какви било други документи со слична содржина.
„Ја знаете добро позицијата на ЕУ за тоа дека не сме за никаква промена на граници, ова треба да се отстрани, какви нон-пејпери и да се појават во иднина или да се појавиле во минатото, нашиот став е јасен“,
рече Мамер одговарајќи на новинарско прашање на брифингот по повод посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ во институциите на ЕУ, објави МИА од Брисел.
Останува дека наводниот нон-пејпер е поднесен до Европскиот совет и неговиот претседател Шарл Мишел, што е различна институција од Европската комисија и каде што заседаваат лидерите на земјите членки на ЕУ.
Од кабинетот на Мишел досега нема ниту потврда, ниту демант, ниту став за промената на границите на Западниот Балкан откако во медиумите беше објавен овој документ.