Во однос на земјите опфатени со процесот на проширување, Комисијата наведува дека ќе продолжи да ги следи идентификуваните проблеми, вклучително и во следните годишни извештаи за проширувањето
Земјите членки и Европската Унија во целина се многу подобро подготвени да ги детектираат, спречат и да се справат со новите предизвици поврзани со владеењето на правото отколку пред пет години, се наведува во Извештајот за владеење на правото за 2024 година на Европската комисија, во кој годинава првпат четири поглавја се посветени на случувањата во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
„Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки“,
посочува ЕК во Извештајот.
Инаку, во Извештајот нема препораки за четирите земји од Западниот Балкан опфатени со процесот на проширување бидејќи, според ЕК, тие се издаваат исклучиво во годишниот пакет извештај за проширувањето.
Во документот се посочува дека според истражувањето на Евробарометар, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата игра важна улога во одржувањето на владеењето на правото во нивната земја, а речиси 90 проценти мислат дека е важно сите земји членки да ги почитуваат основните вредности на блокот.
Дополнително, 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека се добро информирани за основните вредности на ЕУ и за владеењето на правото, што претставува зголемување во однос на 2019 години кога вакво мислење имале 43 проценти од анкетираните.
Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина, како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.
Во Извештајот се дадени оценки за состојбата со националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и други институционални проверки.
Во однос на реформите во правосудството се посочува дека тие биле високо на политичката агенда во текот на минатата година, при што многу земји членки ги спровеле ланските препораки и спровеле договорени реформи.
Во исто време, според ЕК, има и некои системски грижи во однос на независноста на судството кои опстојуваат, а се забележани и конкретни случаи на влошување.
Во делот посветен на корупцијата се наведува дека таа останува сериозна причина за загриженост на граѓаните и бизнисите во ЕУ.
Во врска со слободата на медиумите и медиумскиот плурализам се наведува дека неколку земји членки презеле конкретни чекори за подобрување на безбедноста на новинарите и работната средина по претходниот Извештај за владеење на правото, пред се врз основа на иницијативите на Комисијата, како што е Европскиот закон за слобода на медиумите, Директивата за спречување на тенденциозните тужби против новинарите и заштитниците на основните права и Препораката за безбедност на новинарите.
„Сепак, постои загриженост околу состојбите во неколку земји членки во однос на независноста или финансиската стабилност на јавните медиумски сервиси, транспарентноста околу сопственоста на медиумите, правото на пристап до јавните документи и транспарентното и правично распределување на државното рекламирање“,
се наведува во Извештајот.
За надминување на идентификуваните недостатоци во Извештајот се наведени препораки поврзани со функционирањето на законодавниот процес, формирањето и функционирањето на независни органи и создавање соодветна средина за граѓанското општество.
„Во земјите опфатени со процесот на проширување остануваат предизвици во однос на системското следење на препораките на институциите на Народниот правобранител и другите независни тела. Забележани се и предизвици во однос на квалитетот на донесувањето закони и консултациите со засегнатите страни“,
се додава во Извештајот.
Во однос на земјите опфатени со процесот на проширување, Комисијата наведува дека ќе продолжи да ги следи идентификуваните проблеми, вклучително и во следните годишни извештаи за проширувањето.
Комисијата нагласува дека Извештајот е подготвен врз основа на целосно почитување на принципот на еднаков третман, при што при издавањето на препораките посебно внимание е посветено на задржување и зајакнување на европските стандарди во согласност со националните правни системи.
„Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија сега се вклучени во Извештај за владеење на правото, како одраз на напредокот постигнат во нивниот процес на пристапување, фокусирајќи се на унапредување на владеењето на правото. Овој пристап во иднина ќе ги вклучи и другите земји од процесот на проширување, во зависност од нивниот напредок“,
нагласува Европската комисија.