Едносменска настава веќе има во 150 училишта каде што немало или имало многу малку градежни интервенции за да може да биде воведена, кажа Јаневска
Министерката за образование и наука очекува процесот на воведување едносменска настава да продолжи во повеќе училишта низ државата каде што има услови, а каде што нема се преземаат градежни зафати т.е. доградба на училници за да може да ги опфатат сите ученици во една смена.
„Сигурно почнуваме во пет, почнуваме во општините Ѓорче Петров и Карпош, а потоа продолжуваме и во други. Оваа година очекувам да започнеме работи во 25 училишта кои, секако, ќе бидат подолготрајни и ќе преминат во следната година,“
вели Јаневска.

Едносменската настава, како што кажа министерката, веќе е воведена во 150 училишта.
„Воведувањето на едносменската настава е поврзано со оптимизација на училишната мрежа што не е лесен процес. Тој е почнат, добро се одвива и понатаму ќе се одвива. Верувам дека најголем дел ќе успееме да го завршиме во еден мандат, но верувам дека и тие што ќе дојдат после нас ќе го продолжат затоа што тоа е исклучително важно за квалитетот на образованието и во корист на учениците,“
додаде Јаневска.
Воведување на едносменска настава во училиштата, министерката Јаневска најави на почетокот на минатата учебна година. Објаснувајќи ја новината, таа тогаш рече дека учениците нема цел ден да бидат над книга, туку идејата е да се спроведе нешто што функционира во високоразвиените земји, а учениците да добиваат повеќе знаење.