Претходно вчера, државниот и политичкиот врв на Бугарија оддаде почит на жртвите од трагедија во Кочани и се потпиша во книгата на жалост отворена во просториите на македонската амбасада во Софија
Илјадници граѓани синоќа се собраа во центарот на Софија и со едноминутен молк им оддадоа почит на 59 трагично загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јави бугарски БГНЕС.

Неколкуте илјади граѓани, како што јавува бугарскиот портал, се собраа пред Судската палата во Софија.
Претходно вчера, државниот и политичкиот врв на Бугарија оддаде почит на жртвите од трагедија во Кочани и се потпиша во книгата на жалост отворена во просториите на македонската амбасада во Софија.

Во книгата на жалост се потпишаа бугарскиот претседател Румен Радев, потпретседателката Илијана Јотова, претседателката на Народното собрание, Наталија Киселова, експретседателот на Бугарија, Георги Прванов, бројни министри, заменик-министри, пратеници, амбасадори, дипломати, лекари, уметници, автори, граѓани…
Молк во чест на починатите од трагедијата во Кочани се одржа и во соседна Србија. Собирот на кој се одржа 74-минутен молк се случи на 18 март пред македонската амбасада во Белград. Со 74-минутниот молк, насобраните им оддадоа почит на загинатите во пожарот во Кочани, како и на загинатите по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.