Во досегашната истрага биле опфатени неколку млади лица, од кои едно е приведено и се спроведува криминалистичка истрага
Хрватската полиција соопшти дека денеска, во рамките на истрагата за пожарот во деловната зграда на хрватскиот весник „Вјесник“, е приведено едно младо лице.

Во досегашната истрага биле опфатени неколку млади лица, од кои едно е приведено и се спроведува криминалистичка истрага.
Загрепскиот весник „Јутарњи лист“ денеска објави дека малолетник се јавил во полиција и раскажал дека со група млади лица бил во зградата на „Вјесник“ ноќта кога изби пожарот. Наводно, тие сакале да се качат на врвот на зградата, но на највисоките катови наишле на заклучена врата. Едно момче од групата почнало да пали картони, по што огнот се проширил, а тие се разбегале.
Според весникот, во зградата упаднале тинејџери на возраст од 16 до 17 години кои живеат во близина на солитерот.
На 17 ноември околу 23 часот избувна пожар во една од најголемите и најпознатите деловни згради во Загреб, која е во мнозинска сопственост на државата.
Полицијата и пожарникарите сè уште ја контролираат областа, при што е забранет влез во зградата, која речиси целосно изгоре. Исто така се затворени и улиците околу зградата.
Солитерот, кој некогаш беше симбол на новинарството и на Загреб, е висок 67 метри и има 16 ката. Неговата изградба траеше девет години, од 1963 до 1972 година. Изминатите 20 години некогашното седиште на дневниот весник „Вјесник“ беше претежно празно и запуштено, со само повремено користење на канцелариите.
Хрватскиот министер за просторно планирање, градежништво и државен имот, Бранко Бачиќ, изјави дека од експертската процена ќе зависи дали зградата ќе биде реновирана или отстранета.
