Според портпаролот на противпожарната служба, возачот на автобусот се здобил со животозагрозувачки повреди, двајца патници се здобиле со сериозни, а шест други со полесни повреди

Едно лице загина, а неколкумина се повредени откако локомотива се судри со автобус во северниот германски град Хамбург, пренесуваат германските медиуми.
„Имаме неколку сериозно и критично повредени лица кои моментално примаат итна медицинска помош. Едно лице, исто така, почина на местото на настанот“,
изјави портпаролот на противпожарната служба.
Според портпаролот, возачот на автобусот се здобил со животозагрозувачки повреди, двајца патници се здобиле со сериозни , а шест други со полесни повреди. Повредените се однесени во различни болници.
Тој додава дека на местото на настанот се присутни околу 80 лица од итни случаи.
Според полицијата, судирот се случил денеска попладне на неосигурен железнички премин во населбата Вилхелмсбург во Хамбург, во близина на градското пристаниште.
Причината за судирот засега e нејасна. Сликите од инцидентот покажуваат сериозни оштетувања на предниот и на страничниот дел на автобусот, а спасувачите ги извлекле повредените низ скршениот преден дел од возилото.
