Директорката на битолската Клиничка болница, Елизабета Ивановска за МИА изјавила дека на сите повредени во несреќата им е пружена итна медицинска помош и тие се надвор од животна опасност
Едно лице загина, а дваесетина се повредени во тешка сообраќајна несреќа која попладнево се случила на регионалниот пат Битола – Демир Хисар.

Според информациите кои ги пренесуваат дел од медиумите, до несреќата дошло при судир на патничко возило и комби кое превезувало работници.
Сообраќајката се случила на излезот од Битола кон Демир Хисар, а според информациите, во директниот судир на самото место животот го загубил возачот на патничкото возило, а според информациите на државната новинска агенција МИА, совозачот во автомобилот е тешко повреден.
Екипа на битолската противпожарна бригада со две возила, како што пренесува ТВ Телма, учестувале во извлекувањето на жртвата и на повредените лица.
Директорката на битолската Клиничка болница, Елизабета Ивановска за МИА изјавила дека на сите повредени во несреќата им е пружена итна медицинска помош.
Како што потврдила Ивановска, повредените лица се чувстуваат добро, а дел од нив се пуштени на домашно лекување.

Според информациите од битолската болница, кај нив биле прегледани 20 лица.
„Веднаш интервениравме. Во одделението за ортопедија примени се 13 лица и на сите им е укажана лекарска помош и не се хоспитализирани. Во одделението за неврохирургија прегледани се четири лица и кај нив е изврешено компјутерско снимање, а по добиените резултати ќе се препорача лекарска помош. Попладнево мобилни се и лекарите во одделението за хирургија, кои прегледаа три лица повредени во сообраќајката и врз истите е извршено компјутерско снимање. Сите лица се надвор од животна опасност“,
изјавила Ивановска.