Вчеравечер, во чајџилница на улицата „Браќа Реџепагиќ“ во скопски Чаир, имало пукање со автоматско оружје, по што едно лице починало, а три се повредени. Инцидентот бил пријавен во полиција во 21:40 ч.
„Од пукањето со тешки повреди се здобил Ј.И. (47) од Скопје и бил пренесен во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’, каде што околу 22:20 часот починал. Исто така, со повреди се здобиле М.А. (43) и Л.Ш. (42) од Скопје, кои биле пренесени во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ за укажување лекарска помош. Додека во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ со повреди – исеченици на раката бил донесен А.И. (30) од Скопје“,
соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР велат дека полициските екипи извршиле увид на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
Дел од медиумите јавуваат дека починатото лице е брат на Камбер Идризи, кој бил убиен за Рамазан бајрам минатата година.
