Од Итната медицинска помош во Куманово изјавија дека се повредени три лица, а поради сериозноста на повредите едно лице е пратено на скопските клиники, а останатите две се задржани во Општата болница Куманово
Едно лице загина, а три се повредени во сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на автопатот Куманово–Табановце.
„Во 20:30 часот во СВР Куманово е пријавена сообраќајна несреќа на автопат Куманово–Табановце во која учествувале три возила ‘голф’, ‘поло’ и ‘бмв’. Едно лице починало на местото на настанот, а три лица се здобиле со повреди и се пренесени во болницата во Куманово“,
информираа од СВР Куманово.
Од Итната медицинска помош во Куманово информираа дека едно од повредените лица поради сериозноста на повредите е пратено на скопските клиники, а останатите две се задржани во Општата болница Куманово.
Паралелно, во друга сообраќајна несреќа, исто така синоќа, на патот Неготино–Кавадарци, четири лица се здобија со повреди.
„Синоќа во 22:50 часот во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Неготино–Кавадарци, на местото викано Маренски уши, се случила сообраќајна незгода меѓу патничко возило ‘фолксваген голф’ со неготински регистарски ознаки, управувано од А. П. (43) од Неготино и патничко возило ‘лада’ без регистарски ознаки, управувано од Д. Л. (40) од Росоман. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и сопатничките во возилото ‘лада’, Г. Г. (39) од Штип и А. В. (42) од Росоман, констатирани во болницата во Кавадарци. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кавадарци“,
велат од МБР.
Претходно, пред два дена, едно лице е загина, а девет беа повредени во сообраќајна несреќа на патот Гевгелија–Богданци. Во сообраќајната несреќа учествувале четири автомобили, а во еден од нив се превезувале мигранти од Сирија.
Од СВР Струмица информираа дека во несреќата учествувале четири автомобили, а во едниот „мерцедес“ со регистарски таблички од друго возило, кое било управувано од 48-годишниот Б. М. од Македонска Каменица, биле мигрантите од Сирија кои тој ги превезувал и криумчарел. Во несреќата учествувале и автомобил „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Б. Ј. (63) од гевгелиското село Богородица, „хјундаи“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Д. Т. од Гевгелија и уште еден „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од Ѓ. Ќ. (37) од село Стојаково.
Во информацијата од СВР Струмица се наведува дека во несреќата, од здобиените повреди починал возачот на „опел корса“, 63-годишниот Б. Ј., чија смрт ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „мерцедес“, во кој се превезувале мигрантите, како и 63-годишната Е. Ј. која била сопатничка во возилото „опел корса“. Во болницата во Гевгелија, додаваат од СВР Струмица, на седумтемина мигранти им биле констатирани телесни повреди.