Според новинските извештаи, илјадници демонстранти синоќа се собрале низ целата земја, а стотици од нив се судриле со полицијата пред заградата на Конгресот во Лима
Најмалку едно лице е убиено, а десетици полицајци се повредени во протестите што синоќа избувнаа во Перу, а се насочени против претседателот на земјата Хозе Хари, кој ја презеде функцијата пред само неколку дена, соопшти канцеларијата на народниот правобранител во Лима, јавуваат светските агенции.

Премиерот на Перу, Ернесто Алварез, на прес-конференција одржана доцна синоќа соопшти дека во рок од неколку часа владата ќе прогласи вонредна состојба во главниот град Лима, како и дека подготвува пакет мерки за справување со растечката несигурност,
Протестот на кој повикаа младите во Перу од т.н. „генерација зед“ (Z), транспротните работници и граѓански организации, е најновиот во серијата демонстрации во оваа латиноамериканска држава против корупцијата и растечкиот криминал, кои доведоа до драматично соборување на поранешната претседателка Дина Болуарте минатата недела.
Според новинските извештаи, илјадници демонстранти синоќа се собрале низ целата земја, а стотици од нив се судриле со полицијата пред заградата на Конгресот во Лима.
Во обид да се справи со толпата, полицијата користела солзавец, додека дел од демонстрантите фрлале петарди, камења и запалени предмети кон припадниците на органите на редот.
„Сите мора да си одат“, извикуваа демонстрантите додека се движеа и се собираа пред Конгресот обидувајќи се да ги срушат металните бариери поставени пред зградата, што доведе до судир со полицијата.
Во насилствата, како што пренесуваат светските агенции, е убиен Едуардо Маурисио Руиз.
Претставникот на канцеларијата на народниот правобранител на Перу, Фернандо Лосада, изјави дека ќе биде отворена истрага во врска со случајот.
Од обвинителството во Перу изјавиле дека Руиз починал откако бил застрелан со пиштол.

Претседателот на Перу, Хозе Хери, во објава на социјалната платформа Икс изрази жалење за смртта на Руиз велејќи дека случајот ќе биде објективно истражен.
Тој обвини дека криминалци се инфилтрирале меѓу демонстрантите и предизвикале хаос и насилство на протестите.
„Врз нив ќе се примени целосната сила на законот“,
напиша тој на Икс.