Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот

Против 42-годишен осомничен е поведена истражна постапка за продолжено кривично дело изнуда, согласно член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во периодот од август до септември 2024 година, како и повторно од март до средината на септември оваа година, осомничениот присилувал едно лице да му исплаќа пари, со цел да стекне противправна имотна корист. Првиот контакт бил остварен во август 2024 година, кога осомничениот побарал и добил парична донација за спортски натпревар. Набргу потоа, повторно контактирал со жртвата, барајќи пари за наводен долг кон трето лице, без да прецизира износ.
Оштетениот, додаваат од Обвинителството, велел дека не должи никому, но осомничениот продолжил со вознемирување. Тој испраќал СМС-пораки, гласовни пораки, пораки преку социјални мрежи, како и пораки преку заеднички познаници, придружени со сериозни закани за физичко насилство или убиство доколку парите не бидат исплатени.
Од страв за себе и семејството, оштетениот конечно се согласил да му даде пари на осомничениот, но со ветување дека повеќе нема да бара. Во тој момент, осомничениот побарал 2 000 евра, наведувајќи дека парите му се потребни за да ги однесе внуците од брат му на одмор.
По пријава од оштетениот, истражители од Истражниот центар на ОЈО Битола, во соработка со СВР Битола, организирале контролирана испорака на паричните средства. Средбата била договорена во деловните простории на правното лице каде оштетениот е управител. Осомничениот ги презел парите, кои биле претходно крим-технички обработени. Веднаш по преземањето на средствата, тој бил приведен од полициски службеници. Пронајдените пари биле кај него, по што бил лишен од слобода.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.