Во пожарот, кој вчера попладне избувна помеѓу селата Блаце и Чучер на територијата на Општина Чучер-Сандево, гори мешана шума и ниска вегетација
Еден од двата крака од големиот пожар што вечера избувна помеѓу селата Блаце и Чучер е изгаснат, додека другиот е сè уште активен и се шири кон непристапен ридско-планински терен, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според ЦУК, противпожарните екипи се сè уште на терен и активно интервенираат, но нивните напори се отежнати бидејќи пожарот зафатил голема површина.
„Се вложуваат максимални напори за да се стави ситуацијата под контрола“,
се вели во информацијата на ЦУК објавена на официјалниот фејсбук-профил.
Инаку, помеѓу селата Блаце и Чучер на територијата на Општина Чучер-Сандево гори мешана шума и ниска вегетација.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, претходно денеска извести дека пожарот што вчера избувна над магистралниот пат Скопје-Блаце делумно е ставен под контрола, а многубројни противпожарни екипи на скопската Противпожарна бригада со поддршка на полициски и армиски хеликоптери се борат да се справат со два крака од огнената стихија што сè уште се активни.
Како поддршка на екипите на скопската Противпожарна бригада дејствуваат два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи (МВР), еден хеликоптер на Армијата, како и по еден „пинцгауер“ и „хермелин“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Едниот крак од пожарот, како што информира директорот на ДЗС, утрово бил ставен под контрола по прецизно дејство на полициските хеликоптери вклучени во гаснењето на огнената стихија.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека двата нивни хеликоптери – „бел 412“ и „агуста бел 212“, кои интервенираат кај Блаце, утрово од 5 до 9 часот исфрлиле повеќе од 30 тони вода и сè уште активно оперираат на теренот.
Како што изјави утрово директорот на ДЗС, Ангелов, најверојатна причина за пожарот е фрлено догорче од цигара од возило во движење или намерно потпалување.
„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“,
апелира Ангелов.