И самохрани родители „извисија“ за упис на децата во градинките на почетокот на оваа година откако надлежните ретерираа од првичното ветување – дека ќе испишат децата што само држат место, а не одат во градинка. Правно, не постоела таква основа
Иако е во категоријата родители што имаат предност за згрижување на децата во градинка, самохрана мајка од Свети Николе повеќе од пет месеци чека за прием на нејзиното дете. Се согласи да зборува за својот проблем само со заштитен идентитет, за да не ги изгуби шансите детето некогаш да почне да оди во градинка. Таа за „360 степени“ раскажува дека чекајќи да се ослободи место во градинка била принудена да го напушти своето работно место.
„Преку ноќ ни го скратија продолженото породилно отсуство и не сакаа да ми го примат детето во градинка, без разлика што сум самохран родител и имам предност, немало место. Така, бев принудена да си дадам отказ и се сторив социјален случај благодарение на државата. Упорно ми бараат потврда од работа за да ми го примат, а како да тргнам сега и да им ја доставам таа потврда кога немам кому да му го оставам детето?“,
вели самохрана мајка од Свети Николе.

И Маја од Скопје е самохрана мајка на седуммесечно бебе. Се обидела да го запише детето во градинка во скопски Аеродром, но била одбиена затоа што групите се пополнети.
„Уште во ноември поднесов пријава и сега ми велат дека не сум на листа, а јас наскоро ќе тргнам на работа. Сѐ сама покривам, со една ниска плата. Немам пари за приватна градинка, немам баби и дедовци во пензија кои би можеле да ми помогнат за чување на детето. Не знам каде ќе го оставам“,
вели Маја.
Во слична ситуација се повеќе стотици самохрани родители што „извисиле“ за место во градинките. Од невладината организација „Една може“ направиле пилот-анкета меѓу членството, која покажала дека помалку од половината родители во нивната група успеале да најдат место за детето во некоја од државните градинки.
„20 проценти се на листа на чекање, а другите 20 проценти не се воопшто апликативни да можат да ги запишат своите дечиња во јавна претшколска државна установа поради фактот што не се во редовен работен однос. Проблематично е што жените кои беа самовработени, а се самохрани мајки, не можат да ги запишат децата во градинка, не можат да користат ниту една мерка која се однесуваше на работодавците заради тоа што се самовработени“,
вели Дороти Пачкова од иницијативата „Една може“.
Според Пачкова, повеќе категории жени кои иако се самохрани останале без можност за згрижување на децата во градинките.

„Тука се и претставничките од невладиниот сектор кои долги години активно работат на усовршување на државните механизми и овозможување права на ранливи категории граѓанки, но се хонорарно ангажирани, а исто така се и уметниците, кои имаат авторски договори, кои работат како жени фриленсерки, останаа затворени дома со своите деца и немаа право ниту да аплицираат за да ги стават на ред за чекање во градинките“,
додава Пачкова.
На хартија нема место, а активно во градинка одат половина од примените деца
Во моментов нема централен орган што води евиденција – колку од децата што се запишани во градинка и навистина ја посетуваат институцијата. Затоа, „360 степени“ побара податоци од вкупно осум градинки, по случаен избор, од неколку општини во Скопје и од Куманово. Збирно, во тие градинки, се запишани 5 120 деца, но во моментот, на списокот на присуство имаат едвај половина, односно 2 570 деца. Другите деца, иако држат место, не одат во градинка, а од друга страна 547 деца се на листите за чекање во тие градинки.

Во детали, во градинката „Мајски цвет“ во Општина Карпош вкупно се запишани 560 деца. Присутни, според списокот за присуство, биле 245. Слободно место нема, а на листата на чекање има 122 деца.
Во градинката „Орце Николов“ во истата општина се запишани вкупно 485 деца, а максималниот број на деца што може да посетуваат градинка според препораките е 333. Но и од нив не се сите присутни, па така, во дневниот извештај што го добивме, присутни биле 231 дете, а отсутни 254. На листата на чекање има 55 деца.
Малку поразлична ситуација има во градинката „Распеана младост“ (Карпош) каде што од вкупниот број, 90 биле присутни, а само 19 отсутни. Максималниот капацитет на згрижување според протоколот е 152 и тука немаат листа на чекање, но имаат најава за прием на 19 нови деца напролет.

Во Општина Аеродром има две градинки со по неколку објекти, но и таму е слична ситуацијата. Во „Срничка“ капацитетот дозволува прием на 774, а бројката на присутни деца варира дневно од 485 до 492. Слободни места има само неколку за одредени групи, а на листа на чекање има 150 деца, од кои најмногу се за јасли. Во „Буба мара“ е дозволен прием на 552 деца. Од нив, редовно во градинка одат 390-450 деца. Слободни места нема, а за упис чекаат 135. Од двете градинки во Аеродром потенцираат дека самохраните родители имаат предност и дека тие се ослободени од плаќање партиципација.

Од Кисела Вода информираат дека во градинката „Весели цветови“ престојуваат 324 деца, иако се запишани вкупно 780 деца, додека во градинката „Осми март“ престојуваат 320 деца, иако се запишани вкупно 730 деца. Во двата случаи, бројот на деца кои едновремено ги посетуваат градинките е помал за 100 и повеќе деца од предвидените капацитети согласно изготвените протоколи. На листите на чекање има од 35 до 50 деца
Податоци добивме и од градинката „Ангел Шајче“ од Куманово, каде што се запишани 1 130 деца, а капацитетот моментално е за 796. Од нив, активно градинка посетуваат 450, па оттаму велат дека имаат уште слободни места.
Она што е воочливо е дека и покрај најавите на дел од директорите на почетокот на септември, дека децата што нема да се појават подолго време во градинка ќе го загубат местото, ниту една од овие градинки нема испишано дете по таа основа. Испис на дете од градинка се врши исклучиво по барање на родителот со писмена изјава, објаснуваат од менаџментот на градинките и додаваат дека ниту едно дете не го изгубило правото на згрижување бидејќи е спротивно на Законот за детска заштита.

„Немаме алатка да ги принудиме родителите да го отстапат своето место по секоја цена за да му дадат место на друго дете. Во законот не постојат такви правила и не се мешаме во начинот на кој директорите ги менаџират градинките, пред сѐ во општините, единиците на локалната самоуправа. Меѓутоа, како министерство и во време надвор од пандемија работиме на апликација за електронско запишување на децата во градинките. Таа апликација треба да ги отстрани сите субјективизми што постојат во процесот на запишување во градинките“,
вели министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска.
Според податоците од Министерството за труд и социјала, во градинките на државно ниво има место за 21 000, а според дневните извештаи присутни се најчесто 9-10 000 деца. На листите на чекање се околу 1 850 деца, и тоа само од приоритетните групи.
„Не знам дали има самохрани родители во таа листа на чекање бидејќи се приоритет, но се што правиме е да се зголеми опфатот на деца пред се да можат да бидат задоволени потребите на приоритетните групи на родители. Ние апелиравме до градинките и тие во контакти со родителите чии деца се запишани дека согласно протколите посетуваат градинка, а не ги носат во градинка да бидат општествено одговорни во вака сериозно време на пандемија доколку се запишани а не ги праќаат своите деца да го отстапат местото“
додава Шахпаска.
Но „битката“ за место во градинка не е проблематична само за време на пандемија и во услови на намалени групи. Листите на чекање се 3-4 пати поголеми, ако покрај самохраните родители и семејствата со двајца вработени се вбројат сите категории граѓани. Според податоците , 7-7 500 деца чекаат за упис во градинка. Министерката Шахпаска вели дека активно работат на вработување персонал и отворање нови градинки.

„Новата влада веќе стави во употреба 8 нови градинки, опфатот се зголеми за дополнителни 800 деца, ќе се завршат 12 градинки во текот на годината кои ќе опфатат дополнителни 1 800 деца. На тој начин ќе се намали притисокот за упис, ќе се намалат листите на чекање, а до крајот на мандатот со бројката што сме ја ставиле во владина програма од 7 500 деца да бидат сместени во градинка, јас верувам дека листите на чекање нема ни да постојат, зашто толкава е и бројката на листа на чекање за упис“,
додава Шахпаска.
Сето ова е на долг рок, но што им преостанува на родителите што останаа дома со своите деца за сметка на работните места и обврски? Според последните информации од Министерството за труд и социјала, испратено е барање до Комисијата за заразни болести да ја разгледа можноста за зголемување на бројот на деца во градинките. Според сегашниот протокол, во јасли се дозволени максимум 12 деца, додека во групите до 6-годишна возраст дозволено е најмногу 15 деца.