Во центарот на Кичево несекојдневна раздвиженост пред трибината „За европска Македонија“. Некои завршуваа лични обврски, други опуштени на кафе, трети чекаа да заврши работниот ден. Дел застанаа пред камерата да го кажат ставот за претстојниот референдум.
– За мене лично нема што, јас сум пензионер, ама за младите, за децата за внуците, за децата помлади, за нив, ни одговори еден постар човек.
– Јас сум ВМРО, и ВМРО пак ќе ги гласам. Да остане Македонија како што си била, децидна беше друга жена.
– Што ќе изгуби Македонија, а што ќе добие со тоа. Секој еден граѓанин додека не се запознае со овие ситни но крупни чинови, во дилема е народот. Некој да, некој не, смета овој средовечен кичевец.
– Можно е да, можно е не, ќе видиме, зависи од околностите, зависи од се, се уште неодлучно ни одговори една средовечна жена.
– Постои можност да бојктораме, да гласаме за, да гласаме против, се уште не сме решиле, ова како одговор го добивме од друга жена.
Откако падна мракот до израз дојдоа ротациските светла од полициските автомобили, кои го обезбедуваа просторот за пристигнувањето на премиерот Зоран Заев.
– Ќе успее ли референдумот? – праша Заев.
– Ќе биде јако.
– Така е, му врати Заев.
При прошетката по градот, Заев се поздравуваше со кичевци. Правеше селфи со нив, а најде време да влезе и во продавница за спортска опрема.
– Овие топки малите се продаваат? Колку пари е? – праша Заев.
– 790 денари, му одговори продавачката.
Но, тогаш се случи малер. Откажа бар-код читачот.
– Секој пат може рачно – рече премиерот.
– Што му е? Марфиев закон. Ама не сака тастатурата не работи. Ова досега не се случило – збунето говореше продавачката.
– До крај ќе си почекаме – низ смеа одговори Заев.
Во пробиениот термин за почеток на трибината, на плоштадот веќе го чекаа граѓани, кои по неговиот говор, очекуваа топката со прашања и недоумици да им ја препушти ним.
Во 40-минутниот говор, Заев во мултиетничко Кичево зборуваше за историската важност на референдумот. Повисоки плати, помала корупција, отворен пат кон европските пазари, модерно здравство… При прашањата од публиката, Заев се соочи и со скепса и критика.
– Дали сметате дека вашата партија и луѓето се спремни за европскиот чекор и дали ги имаат европските вредности? Дали ќе се применува европското мислење, бидејќи мислам дека кога и да се вратам тука дома ништо не е променето и се уште е по старо, го праша директоно премиерот еден млад дечко од Кичево.
– Една од желбите е што ја имаме сите е со доаѓањето на Европа, со отворањето на поглавјата, со сите критериуми кои ни се ставени, да почнеме и европски да се однесуваме. И мојата партија и сите граѓани во Македонија. Сум рекол дека ќе дојде камшикар кој ќе не среди како граѓани како луѓе, како народ и тоа така стварно го мислам симболично, рече Заев.
По дво-часовната трибина, рефлекторите се изгасија. За две недели, на 120 избирачки места во оваа општина, 50.027 гласачи ќе кажат што мислат за поставеното референдумско прашање.
Напишете коментар