Според британските медиуми, причината е што вработените не ги следеле безбедносните процедури
Жариштето на коронавирусот се заканува да ја запре работата на лабораторијата во која се прават и над 70 000 ПЦР-теста на ден
Најголемата лабораторија во Велика Британија, во која дневно се спроведуваат десетици илјади тестови за коронавирусот, стана ново жариште на ковид-19 откако вработените во лабораторијата не ги следеле безбедносните процедури, објавија денеска британките медиуми.
Три од четирите научни тима од лабораторијата во Милтон Кинс се заразени со коронавирусот. Според „Гардијан“, се работи за околу 20 лица од персоналот.
Токму оваа лабораторија беше првата што го откри новиот, многу заразен мутиран вид на ковид-19 уште во септември, според информациите од јавното здравство на Англија.
Администраторите и вработените во магацините исто така пријавиле случаи, така што 20 од 70-те члена на тимот биле изолирани, изјави вработен во лабораторија кој инсистирал да остане анонимен.
Жариштето на коронавирусот се заканува да ја запре работата на лабораторијата, која има сѐ повеќе барања за тестирање, кои надминуваат 70 000 ПЦР-теста на ден.
Британското Министерство за здравство и социјална заштита демантираше дека не се почитувале безбедносните мерки.
