Тој апелира да има смиреност кај повредените и нивните семејства бидејќи имаат комплетна посветеност кон нив и се во комуникација со соодветните центри за изгореници

Една пациентка од повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани сè уште е во тешка состојба, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Според него, деновиве е направена проценка за позначително пресадување на кожа кај таа пациентка.
„Таму проблемот е инфективен и се третира на најдобар можен начин со најдобрите можни антибиотици во моментот“,
рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој додаде и дека состојбата на дел од повредените во „Пулс“ е непроменета и оти петмина од нив се во странство, а петмина се во Скопје.
Клековски додаде дека од третман на изгореници, на белодробие, друг тип повреди, физикална терапија, нега, психосоцијална, сè ќе било обезбедено и гарантирано од државата на долги патеки бидејќи, како што рече, станува збор за процес што тече, се адаптира и ќе трае.
„Компресивната облека што сега ја користат 58 лица за други делови на телото освен врат и лице, се осум лица, значи вкупно 66 лица, ќе трае. Сè уште имаме десет повредени лица кои се во болници. Имаме уште некои 15 лица кои најверојатно во наредниот период ќе им бидат земени мерки, значи процесот трае и ќе се адаптира. Морам да кажам, ќе трае две години. Препораките за употреба на компресивната облека се до две години и во тој период, најмалку на неколкупати, на неколку месеци на таа облека ќе треба нови мерки да се земат, да се менува, да се адаптира и така натаму“,
рече Клековски.
Тој потсети дека британските експерти препорачале физикалната терапија сепак да биде во Кочани.
Тој апелираше да има смиреност кај повредените и нивните семејства бидејќи имаат комплетна посветеност кон нив и се во комуникација со соодветните центри за изгореници.
„Компресивната облека ќе треба да се користи две години. Не се препорачува употреба на ласер за третман на изгорениците порано од шест месеци. Во основа, веројатно ќе треба да помине една или две години за да заврши заздравувањето на кожата, пред да почнат естетски зафати за подобрување на изгледот. Ќе замолиме за сите прашања во однос на третманот, повредените се консултираат со Општата болница – Кочани, со Катерина Мирчовска и со стручниот тим што е формиран таму, бидејќи тие ги собираат сите информации што се неопходни“,
додаде Клековски.
Клековски најави и дека во следниот период се очекува да дојде експерт за ампутации од Словенија за да се погледнат опциите за третман на повредените кои имаат ампутации на прсти.
„Дополнително на тоа, за да излеземе во пресрет на потребите на повредените, одобривме контролни прегледи во ’Пирогов’ за пациенти, повредените, кои сакаат да бидат контролирани таму. Во моментов, тоа се шестмина повредени лица. Иако, ние апелираме, упатуваме дека најдобро место за третман е Кочани“,
рече тој.
Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи останување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.
Прашан која е гаранцијата дека и после две години навистина се ќе им биде бесплатно на овие лица и како ќе се регулираат боледувањата, Клековски рече дека има комплетна посветеност, законска можност, има регулатива да тоа што не може да се лекува во Македонија да биде третирано во странство и таквите случаи, како што додаде, од стручниот тим ќе бидат упатувани во понатамошен третман во странство.
„Третманот во Македонија е гарантиран бидејќи во основа општата болница во Кочани се адаптира како место, како централна точка за третман. Сите што имаат потреба од боледувања ќе бидат покриени“,
кажа Клековски.
На прашањето зошто е пролонгирано сместувањето на повредените пациенти во „Пониква“, кое требаше да биде денеска, Клековски рече дека тоа е на нивно барање.
„Тоа беше на барање на повредените бидејќи во вторникот беше правена интервенција со плазма збогатена со тромбоци кај 10 повредени и на нивно барање е одложено за петок или сабота. Околу 46 или 48 повредни се пријавени за првата смена и таму се завршени сите неопходни мерки, извршена е дезинфекција, дератизација и дезинсекција на просторот, зголемен е бројот на хигиеничари од два на пет, за максимално чиста околина“,
одговори Клековски.
Пожарот во „Пулс“ избувна рано наутро на 16 март, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.