Британската полиција денеска го соопшти идентитетот на двајцата мажи убиени во вчерашниот терористички напад врз синагогата во Манчестер, додека владата, во своите првични реакции, вети дека ќе ги засили своите напори во борбата против антисемитизмот
Една од жртвите убиени во нападот што вчера се случи пред синагога во Манчестер била застрелана од полициските службеници додека се обидувале да го совладаат невооружениот напаѓач, соопшти денеска полицијата во Манчестер, пренесоа британските медиуми.

Во моментов се верува дека осомничениот, Џихад Ал Шами, не поседувал огнено оружје и дека единствените истрели биле испукани од полицаец овластен да носи огнено оружје, соопшти полицијата.
„Оттука произлегува дека, по понатамошното форензичко испитување, оваа повреда, за жал, можеби била трагична и непредвидена последица од итните мерки преземени од нашите полицајци за да се стави крај на овој брутален напад“,
додаваат од полицијата во Манчестер.
Оттаму дополнително соопштија дека едно од повредените лица во нападот што полицијата вчера го означи како терористички инцидент, исто така има прострелна рана, која најверојатно е од огнот што полициските екипи го отвориле за да го неутрализираат напаѓачот.
Британската полиција денеска го соопшти идентитетот на двајцата мажи убиени во вчерашниот терористички напад врз синагогата во Манчестер, додека владата, во своите првични реакции, вети дека ќе ги засили своите напори во борбата против антисемитизмот.
Полицијата на Манчестер соопшти дека Адриан Долби (53) и Мелвин Кравиц (66), двајцата жители на градот во Северна Англија, биле убиени откако Џихад aл Шами со автомобилот удрил во група луѓе пред синагогата на Хебрејската конгрегација „Хитон парк“ пред да избоде една од жртвите.
Три други лица остануваат во болница со сериозни повреди.
Ал Шами беше застрелан седум минути откако полицајците беа известени за нападот во Крампсал вчераутро, кој се случи на најсветиот ден за Евреите, Јом Кипур.
Дополнително, во рамките на истрагата, се уапсени уште три лица под сомнение дека планирале терористички напад поврзан со вчерашниот.
Полицијата на Манчестер соопшти дека иако формалната идентификација сè уште не е извршена, семејствата на Долби и Кравиц0, двајцата од Крампсал, се информирани за смртните случаи и им се нуди поддршка од надлежните служби.
Исто така, полицијата денеска потврди дека дополнителни полициски службеници ќе бидат распоредени за да се обезбеди нивна поголема видливост во северен Манчестер, Бери и Салфорд каде што се наоѓаат еврејските заедници и нивните храмови.
Британската влада денеска соопшти дека ќе ги засили напорите за борба против антисемитизмот по вчерашниот напад кој длабоко ја потресе еврејската заедница во Велика Британија.
Од друга страна, израелската влада ја обвини Велика Британија дека дозволила антисемитизмот да се шири низ британските градови и универзитетски кампуси по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната на Израел во Газа.
Британската министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека ја разбира силата на чувствата на сите страни од конфликтот во Газа, но рече дека е важно ова да не се прелее во тензии на британските улици.
„Ќе направиме сè што е потребно за да ја осигуриме безбедноста на нашата еврејска заедница. Луѓето ќе видат поголемо полициско присуство во сите заеднички објекти, првенствено синагоги, но и на други места во заедницата“,
изјави Махмуд за радио „Тајмс“.
Британскиот премиер Кир Стармер, исто така, испрати порака за солидарност до еврејската заедница.
„Знам колку страв носите во себе. Во име на нашата земја, ја изразувам мојата солидарност, но и тоа што сè уште мора да живеете со овие стравови. Никој не треба да живее така. Ветувам дека ќе направам сè што е во моја моќ за да ви ја гарантирам безбедноста што ја заслужувате, почнувајќи со видливо полициско присуство што ја штити вашата заедница“,
рече Стармер.

Во часовите по нападот во четврток, во британските градови се одржаа неколку пропалестински протести, а полицијата се судри со демонстрантите пред Даунинг стрит, што доведе до 40 апсења.
Махмуд рече дека протестите, кои се одржаа само неколку часа по нападот, биле нечесни и спротивни на британскиот дух.
„Би го повикал секој што размислува да протестира во следните еден или два дена, едноставно да направи чекор назад, да се повлече и да покаже малку човечност и љубов кон ожалостената заедница“,
рече министерката.