„Факт е дека големо мнозинство од земјите членки и европските институции во целост го делат ставот дека проширувањето треба да биде засновано на принципот на постигнувања“, вели шефот на македонската дипломатија во изјава за МИА на крајот на неговата дводневна посета на Брисел
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека во Брисел постојат повеќе инцицијативи во врска со прашањето за проширувањето на Европската Унија, а една од нив е во одредени фази од процесот одлуките да се носат со кфалификувано мнозинство, а не со консензус, односно со согласност на сите земји членки.

Муцунски ова го вели во изјава за државната новинска агенција – МИА, на крајот од неговата дводневна посета на Брисел, каде на покана на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, вчера присуствуваше на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
Според шефот на македонската дипломатија, она што е многу значајно е што во Европската Унија постои сериозен импетус за проширување кон целиот регион на Западен Балкан.
„Постојат повеќе иницијативи. Една од тие иницијативи е онаа за гласање со квалификувано мнозинство во Советот кога се во прашање одредени фази од проширувањето. Факт е дека големо мнозинство од земјите членки и европските институции во целост го делат ставот дека проширувањето треба да биде засновано на принципот на постигнувања“,
вели Муцунски.
Осврнувајќи се на долгиот процес низ кој поминува земјава на патот за членство во ЕУ, тој вели дека добиле охрабрувачки пораки при денешната презентација на извештајот за Стратегијата за проширувањето на ЕУ, според кои билатералните прашања не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство.
Тоа, вели Муцунски, е нешто радува, но исто така, додава тој, треба да сме свесни за реалноста што постои.
„А тоа е фактот дека сè уште сме блокирани од страна на една земја членка во отпочнувањето на преговорите. Истовремено, факт е дека треба да ја вложиме сета наша енергија врз основа на добра верба и да имаме насоченост кон изнаоѓање решенија за сите предизвици, но секако, ќе го повторам и тоа што е конзистентен став на Владата повеќе месеци, дека решенијата на билатералните предизвици никако да не бидат решавани така што ќе задираат или ќе ги доведат во прашање македонскиот идентитет, јазик и културна посебност“,
вели шефот на македонската дипломатија.
Во врска со најавата на Атина дека ќе покрене иницијатива за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, Муцунски за МИА вели оти верува дека Грција ќе остане еден од нашите поддржувачи на патот за полноправно членство во ЕУ, бидејќи нашето интегрирање во Унијата покрај во наш, е и во интерес и на нашите соседи кои се членки на блокот.
„Нашите билатерални односи со Грција се развиваат во позитивен правец во последните година дена. Се работи на многу опипливи проекти што носат бенефит за нашите граѓани и бизнис заедницата. Тука примарно мислам на Коридорот 10 и на интерконекторот што е во изградба и се изведува во моментов“,
наведува тој.
Во таа насока, тој додава дека пред околу една недела присуствувал на средба организирана од стопанските комори на двете држави, на која биле упатени позитивни сигнали во делот на деловната и трговската соработка.

За време на посетата на Брисел, Муцунски вчера се сретна со еврокомесарката за проширување Марта Кос, по што присуствуваше на вечера што за шефовите на дипломатиите на шесте земји од Западниот Балкан ја организираше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, додека денеска, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков и со скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, имаше средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалeф.
Муцунски рече дека фокусот на средбата со еврокомесарката Кос бил на повеќе прашања, меѓу кои приоритетите во делот на домашните реформи, исполнувањето на одредени реформски процеси кои што се поврзани со Реформската агенда, како и предизвиците кои што ги имаме, вклучително и билатералниот спор со Бугарија.
„Зборувавме за различните инцијативи што ги има со цел конечно нашата држава да ги започне преговорите со Европската Унија и во таа насока верувам дека во периодот што претстои ќе почнеме да гледаме опиплив напредок во сите реформски области кои што се значајни за државата“,
вели Муцунски.
На работната вечера со Калас дискусијата примарно била поврзана со планот на ЕУ за Западен Балкан од политичка гледна точка и чекорите поврзани со интеграцијата на целиот регион во Унијата, како и за заедничките безбедносни предизвици.
„Средбата со еврокомесарот Микалеф беше продуктивна и заклучокот од неа беше дека слабиот менаџмент на процесот од страна на претходната администрација на Град Скопје, за жал го имаше доведено во прашање тоа дали Скопје ќе остане европски град на културата во 2028 година. Сепак во еден краток период, по изборот на градоначалникот (Орце) Ѓорѓиевски во координација со Владата ќе успееме да го зачуваме статусот“,
вели Муцунски.
