По една недела генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта ширум земјава, остануваа неизвесно дали штрајкот ќе продолжи и од понеделник или ќе биде ставен во мирување. Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, по вчерашната средба во Владата истакна оти сè уште немаат добиено конкретен предлог за зголемување на платите, но додаде оти до крајот на викендов треба да одлучат дали ќе го стават штрајкот во мирување, во интерес на учениците и децата во градинките

По првата недела откако започна штрајкот во образованието, и натаму останува неизвесно дали штајкот на членовите на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) ќе продолжи и од понеденлик или ќе биде ставен во мирување.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, по вчерашната средба со владините претставници истакна оти сè уште немаат добиено конкретен предлог за зголемување на платите, но додаде оти до крајот на викендов треба да одлучат дали ќе го стават штрајкот во мирување, во интерес на учениците и децата во градинките.
„Добивме некои информации кои повторно не се поврзани со утврдување процент. Сега Советот на СОНК ќе расправа во однос на расправите што ги имавме во Владата и ќе дадеме насоки во однос на членството за изјаснување за главното барање од Владата, во интерес на учениците и децата во градинките, штрајкот да се стави во мирување, се додека за два-три дена, конечено не се дефинира нивниот предлог, а нашето прифаќање или отфрлање“,
изјави вчера синдикалниот лидер Јаким Неделков.
Во меѓувреме, Неделков на својот фејсбук-профил истакна оти до утре попладне нема да биде достапен за медиумите.
„Почитувани претставници на средствата за јавно информирање, Ви должам извинување за мојата недостапност во текот на денешниот ден, но сакам и да ве информирам дека до недела 17.04.2022 год. до попладневните часови нема да бидам достапен. Однапред ви благодарам на разбирањето“,
стои во фејсбук-објавата на претседателот на СОНК.
На последниот состанок помеѓу СОНК и Владата, кој се одржа вчера, на петтиот ден од штрајкот во образованието, било договорено во текот на наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.
По вчерашната средба со СОНК, од Владата соопштија дека се отворени за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот.
Генералниот штрајк на членовите на СОНК започна на 11 април во градинките, основните и средните училишта ширум земјава.