Фидановски смета дека џабе се зборува за поделба на „колачот“ ако не се гледа и големината на тој „колач“. Тој го дели ставот на помалите партии дека Донтовата формула им оди во прилог на големите партии
Модел на една изборна единица, без изборен праг, не постои никаде во Европа, а и да има, би бил неповолен за помалите политички партии, оценува Кристијан Фидановски, докторанд на Универзитетот „Оксфорд“ и коавтор на анализа за пропорционалноста на македонскиот изборен модел работена под капата на Институтот за демократија.
Според него, тоа што никаде во Европа не се одлучиле за таков чекор, не значи нужно дека идејата е лоша. Тој смета дека државите што одлучиле да не го воведат овој модел, веројатно се воделе од моментот на добро владеење, а ги имале предвид и демократските исходи (н.з. расцепкани пратенички места).
Фидановски се осврна и на студија на Националниот демократски институт за проекција на пратеничките места во различни околности врз основа на резултатите од парламентарните избори во 2020 година.
„На пример, доколку во 2020 г. сè друго било исто од параметрите, но се користела Харе како изборна формула, наместо Донт или, пак, сè друго да биде исто, а да се користела една, наместо шест изборни единици, тогаш навистина големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, би загубиле неколку места, а помалите партии би добиле по неколку. Меѓутоа, ако врз основа на истите изборни резултати, повторно имало една изборна единица, но праг од пет проценти, па дури и три проценти, исходот би бил уште помалку поволен за помалите партии, а поповолен за поголемите. Еве, Србија да ја земеме како пример, Србија има една изборна единица, но праг од три проценти“,
рече Фидановски.

Фидановски смета дека џабе се зборува за поделба на „колачот“ ако не се гледа и големината на тој „колач“. Тој го дели ставот на помалите партии дека Донтовата формула им оди во прилог на големите партии.
„Помалите партии навистина се во право дека Донтовата формула им оди во прилог на поголемите партии. Тоа е така затоа што формулата одредува како гласовите ќе бидат преточени во пратеници во склоп на една изборна единица. Донтовата не овозможува перфектна рефлексија, има формули што се користат во многу европски држави – Харе е обратна од Донт и таа е најповолната за помалите партии бидејќи доведува до најголема пропорционалност“,
кажа Фидановски.

Сепак, додава тој, Донтовата е најчесто користената формула во европските држави.
Помалите политички партии во Северна Македонија бараат промена на изборниот модел во една изборна единица, наместо шест, и тоа без изборен праг. Деновиве почна да функционира работна група што ќе работи на реформи на изборното законодавство кои подразбираат имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и на изработка на нов Изборен законик.
Зајкова од ЛДП вели дека помалите партии се подготвени да преговараат и за изборен праг при воведување една изборна единица.