„Нека светлината сведочи да не заборавиме. Нека тишината звборува за љубовта што останува“, порачаа од Здружението „16 март 2025 Кочани“
Денеска се одбележува една година од трагедијата во Кочани, каде во пожар во т.н. кабаре „Пулс“ загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Болката и сеќавањето на настанот кој го потресе Кочани и целата држава, утрово во тишина одекнаа во градот, каде рано утрово се одржа собир во спомен на настраданите во трагедијата.
Собирот, организиран од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани, започна симболично во 2:15 часот пред објектот каде се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“.
Во 2:32 часот со свеќи во рацете и со една минута молк, собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.
„Нека светлината сведочи да не заборавиме. Нека тишината звборува за љубовта што останува“,
порачаа од Здружението „16 март 2025 Кочани“.

Просторот беше осветлен со рефлектори и украсен со цвеќиња и срциња на кои беа испишани имињата на младите кои ги загубија животите во пожарот или од последиците од огнот.
Покрај семејствата и бројните пријатели, на собирот присуствуваа и претставници на граѓанското движење „Кој е следен?“ од Скопје.
„Се случи трагедија којашто засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Останав без зборови од страв дека не постои збор што може да го кажам и да биде доволен за да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но, токму зборовите се тоа што не држи во живот. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот. Сите ние сме заедно во ова. Заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сакам да се погледнете сите помеѓу вас. Токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави. Покажавте што значи љубов. Покажавте што значи грижа. Сите ние, секој на свој начин, го продолжуваме споменот, животот и меморијата на ангелите кои ги загубивме на 16. март. Како што Чемерски, камен по камен, го создал вечниот Мозаик на слободата, така и ние со нашите дела, борба грижа и љубов го креираме мозаикот преку којшто ангелите ќе продолжат да живеат во вечноста и сеќавањето на македонскиот народ“,
рече Борјан Ефтимов од „Кој е следен?, пренесе порталот „Рацин“.
Тој потоа замоли за петминутен молк, како чин на почит и потсетување зошто ниту една жртва не смее да биде заборавена.

Викендов со различни настани беше одбележана годишнината од трагедијата.
Во Скопје, во организација на Владата изминатите два дена се одржа меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, на која покрај преставници на државниот врв и министри, присуствуваа и говореа 37 лекари и медицински експерти од странство, што во најтешките денови по трагедијата во Кочани директно учествуваа во лекувањето на пациентите.
Денеска во НЦУК „Бели Мугри“ ќе се одржи комемоиративен настан во спомен на загинатите во пожарот во Кочани.
