Во 8:41 часот пред училиштето се собрале родителите на убиените деца, за да изразат солидарност и емпатија, но и да го означат времето кога тринаесетгодишниот ученик го почнал својот крвав поход, за кој српските медиуми оценуваат дека не е забележан во регионот
Една година од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ денеска се одбележува во Белград, во кој тринаесетгодишен ученик застрела 10 лица, од кои девет беа негови соученици, а еден беше училишниот чувар. Ранети беа неколку ученици и професори.
По повод годишнината од масовното убиство беше организирана програма под мотото „Будење“ во спомен на жртвите.

Утрово во 8:41 часот пред училиштето се собрале родителите на убиените деца, за да изразат солидарност и емпатија, но и да го означат времето кога тринаесетгодишниот ученик го почнал својот крвав поход, за кој српските медиуми оценуваат дека не е забележан во регионот.
Граѓаните во текот на целиот ден ќе можат да оставаат цвеќе, да запалат свеќи и да се потпишат во меморијалната книга.
Во 08:41 часот, медиумите во Србија одбележаа едноминутно молчење со прекин на програмата во спомен на жртвите.
Српското Министерство за образование ги покани сите основни и средни училишта во Србија да организираат Недела на сеќавање и единство, чија цел е да се оддаде почит на жртвите, поддршка на нивните семејства, пријатели и пошироката заедница.
Во текот на денот, граѓаните, како дел од програмата „Будење“, ќе можат да присуствуваат на форумот во Ташмајданскиот парк и да разговараат на тема формирање на меморијален центар за жртвите на ова масовно убиство.
И српскиот претседател Александар Вучиќ денеска им оддаде почит на жртвите во училиштето „Рибникар“ во Белград.
Владата на Србија во март годинава донесе одлука за формирање Работна група за формирање на Меморијален центар во спомен на жртвите од масовното убиство, каде животите ги загубија Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и чуварот Драган Влаховиќ (53).
За потсетување, К. К. на 3 мај минатата година, откако пристигнал во училиштето, извадил пиштол и пукал во обезбедувањето, а потоа и во двајца ученици. Продолжил низ ходникот кон училницата, каде што од вратата пукал кон наставничката и кон другите ученици. Потоа излегол во дворот на училиштето и повикал полиција.
К. К. веќе една година се наоѓа во психијатриска установа. На почетокот на годинава почна судењето на неговите родители, кои се обвинети дека не ги заштитиле оружјето и муницијата кои биле користени во пукањето од страна на нивниот син.
Обвинети се и две лица од стрелиштето каде што момчето научило да пука.
Таткото на К. К. е во притвор, додека неговата мајка се брани од слобода.
