„На состанокот што го имавме, банките генерално кажаа дека не би се согласиле да субвенционираат дел од каматата… Сепак, во целата таа ситуација се појави банка која, на посебен состанок со премиерот, кажала дека е спремна да учествува со дел од субвенционирањето на каматата“, вели во интервју за „360 степени“ Гордана Димитриеска-Кочоска
Една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија, открива министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На неколкуте состаноци досега банките генерално се изјасниле против ваквата идеја, вели министерката, но од една банка, на посебен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, сепак, се согласиле со иницијативата на владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот.
Министерката не откри дали станува збор за една од трите најголеми банки, а деталите ги најави по следниот состанок со Mакедонската банкарска асоцијација в недела, на кој ќе присуствува и премиерот. На прашање зошто досега не успеале да се договорат со банките, таа вели:
„Ние не е дека не сме завршиле порано, чекавме да се префрлат парите, да легнат на сметки и да видиме како ќе ги префрлиме кон Развојната банка. Притоа, зборувавме дека каматната стапка е 3,25% и таа ќе остане. Значи, целта на владата е каматната стапка да биде таа по која сме го земале кредитот. Тука имавме дискусија, дали банките, на некој начин, ќе учествуваат во субвенционирање на каматната стапка, иако сакам да кажам дека досега од 2011 година па наваму, повлечени се повеќе од 650 милиони евра по различни кредитни линии, за кои каматната стапка ја субвенционирала државата. Премиерот сакаше да оди еден чекор понапред, бидејќи постојано банките се на удар, нели, од аспект на високи профити итн. Сакаше да постигнеме некаков договор, при што банките би преземале мал дел од трошокот на свој грб за да учествуваат во помош на стопанството и да ги раздвижиме инвестициите“.
Димитриеска-Кочоска беше прашана колку е реално да се очекува непазарно, некомерцијално однесување од банките.
„Секоја компанија треба да има малку и општествена одговорност, а банките, пред сè, бидејќи имаат големи профити. На состанокот што го имавме, банките генерално кажаа дека не би се согласиле да субвенционираат дел од каматата. И рековме во ред, не крајот од денот не правиме ние нешто поразлично од која било претходна влада што го направила, но целта беше да ја поделиме таа општествена одговорност. Ајде, Владата има обврска, но да учествуваат и банките. Сепак, во целата таа ситуација се појави банка која, на посебен состанок со премиерот, кажала дека е спремна да учествува со дел од субвенционирањето на каматата“,
одговори министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На прашањето дали, теоретски, сите пари може да одат преку една банка ако останатите не прифатат, министерката вели дека во тој случај не би имало ништо спорно, но преферираат поголема вклученост на банкарскиот сектор.
„Нашата цел не е да работиме со една банка, ги сакаме сите банки. Теоретски може, нема ништо спорно, но не е тоа целта на Владата. Целта на Владата е сите банки да учествуваат. Ние не сакаме да работиме само со една банка. Целта наша е и за оние клиенти кои банките си ги имаат како постоечки и кои се заинтересирани да земат од оваа кредитна линија, да си земат преку постоечката банка каде што се. Да не правиме да трчаат сега од една банка во друга“,
рече министерката.
Околу рокот на отплата на кредитите, таа рече дека сè уште има дискусии поради различните услови и интерни процедури кои ги имаат банките во однос на тоа што Владата сака да го понуди како можност, односно исти услови по кои е земен унгарскиот кредит – три години грејс период и 12 години рок на отплата.
„Нашата цел беше кредитирање на приватниот сектор на 15 години за да се охрабрат повеќе да инвестираат во смисла на тоа дека ќе имаат помали рати за плаќање во годините. Десет години е максималниот циклус кај банките, некои банки прават исклучоци, но до десет години е. Но, и тука една од банките вели дека може да прифати и под други услови. Истата банка, така што уште еднаш сакаме да седнеме да поразговараме. Нашата цел беше најмногу во периодот на отплата на кредитите, затоа што даваме на 15 години, три години грејс период, поголема комоција на компаниите. И кога разговаравме со банките, дел од нив велат – каков е тој бизнис што нема поврат за седум или дест години? Се согласуваме, но затоа и досега имаме толку малку инвестициски одлуки. Нашата цел е да се охрабрат повеќе да инвестираат“,
вели Димитриеска-Кочоска.
Во однос на еднократните провизии и другите услови на банките, Димитиреска-Кочоска вели дека Владата сака сè да влезе во рамки на каматната стапка од 3,25 %.