„СДС во своите редови има наркодилери, консументи и е нивен заштитник. Филипче не се огради ниту од Слаѓан Марковски од Гостивар ниту од Јон Фрчкоски и Андон Стојков, кои за само неколку месеци се фатени со дрога“, пишува во соопштението на владејачката партија
Оние што се евакуираат се единствено екслидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев и актуелниот лидер на партијата, Венко Филипче со стекнатиот капитал и украдените народни пари во Дубаи. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение од опозициската СДСМ дека одлуката на Арбен Таравари и на неговата Алијанса за Албанците (АА) да излезат од Владата е потврда дека доскорешните партнери на премиерот Христијан Мицкоски се евакуираат, откако во јавноста беа споделени низа скандали за власта.

„СДС тоне со сопствениот рејтинг откако државата ја опустошија, а народот го осиромашија. СДС е партија каде што партиските функционери секој ден се со скандали со дрога, криминал и корупција. СДС во своите редови има наркодилери, консументи и е нивен заштитник. Филипче не се огради ниту од Слаѓан Марковски од Гостивар ниту од Јон Фрчкоски и Андон Стојков, кои за само неколку месеци се фатени со дрога“,
пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека додека тие работат на привлекување нови странски инвестиции, отворање нови работни места, опозицијата е синоним за неспособност, предавства и криминал.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска посочија дека одлуката на Арбен Таравари и на неговата Алијанса за Албанците (АА) да излезат од Владата е потврда дека доскорешните партнери на премиерот Христијан Мицкоски, се евакуираат откако во јавноста беа споделени низа скандали за власта.
Претседателот на крилото на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари синоќа на прес-конференција соопшти дека неговата Алијанса за Албанците одлучи да оди во опозиција.
Турбуленциите ги предизвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН кога донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи.
Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.