Неговиот бранител наведе дека тој не бил задолжен за организирање на безбедносно-сигурносниот систем во објектот и дека дејствијата што требало да ги преземе според обвинението не биле дел од неговите работни задачи

Единствено за што каам е што не успеав да спасам повеќе луѓе, рече обвинетиот Лазар Захариев, кој бил дел од обезбедувањето на „Пулс“, односно на агенцијата за обезбедување на фирмата „Рубикон“.
Ова беа единствените зборови што Захариев ги кажа како дополнување на воведниот говор на неговиот адвокат.
Неговиот бранител наведе дека Захариев за него е херој бидејќи кобната ноќ во „Пулс“ спасил повеќе од 70 луѓе. Адвокатот ги отфрли наводите во обвинителниот акт што се однесуваат на неговиот клиент. Кажа дека тој не бил задолжен за организирање на безбедносно-сигурносниот систем во објектот и дека дејствијата што требало да ги преземе според обвинението не биле дел од неговите работни задачи.
Претходно воведни зборови даде адвокатот Јовица Страшевски, бранител на директорот на „Рубикон“, Јане Јанчевски.
„Најпрвин сакам да истакнам дека во дејствијата на мојот штитеник Јане Јанчевски не се консумирани елементите на кривичното дело што му се става на товар, дека заедно со другите обвинети сторил тешки дела против општата сигурност“,
рече Страшевски.
Одбрана даде и адвокатот на обвинетиот Мартин Ѓорѓиев, кој рече дека вечерта бил задолжен за ставање печати за влез, но не и да утврдува идентитет. Тоа како што кажа адвокатот го прави полицијата и се води како дополнителна инспекција.
На денешното рочиште воведни зборови дадоа и адвокатите и обвинетите ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илиев и Љупчо Папазов.
Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, рече дека бил единствениот кој ги алармирал државните органи пред 13 години дека не треба да се издава лиценца за работа на објектот.
Бранителите на Илиев и Папазов, одговорноста за трагедијата ја лоцираа кај државните органи и институции, кои, како што рекоа, се надлежни за утврдување пропусти во објектот, а не нивните клиенти.
На денешното рочиште адвокатите на обвинетите во „Пулс“, Огњен Ѓеорѓиев, Љупчо Стаменков и Љупчо Гоцев, рекоа дека како овластени општински градежни инспектори во Кочани не можеле да вршат контроли во „Пулс“ бидејќи за тоа никогаш не добиле налог од општината, како и поради законските ограничувања во делот на нивните овластувања.
