Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претставници на дипломатскиот кор, како и на голем број граѓани
На градскиот плоштад во Кавадарци, вечерва со свеченост беше одбележана 24-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување (ЕБР). На настанот присуство земаа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претставници на дипломатскиот кор како и голем број граѓани. Дел од свеченоста беше и тактичко-показна вежба изведена од припадниците на единицата, како и симболично осветлување на општинската зграда.

Министерот Тошковски во своето обраќање истакна дека овој ден е посветен на сите припадници на ЕБР – на оние што и денес се во активна служба, на ветераните кои низ годините со чест ја носеле униформата, на семејствата кои секогаш стојат зад нив, но и на хероите што го положија својот живот во извршување на службената должност.
„Денес одбележуваме 24 години од формирањето на ЕБР – години исполнети со професионализам, пожртвуваност и верност кон државата и граѓаните. Во тие години, дел од нашите припадници ја платија највисоката цена – го дадоа својот живот за Македонија. Нивната жртва е втемелена во историјата на единицата и останува трајна обврска за сите нас да продолжиме по патот што тие го трасираа,“
кажа Тошковски.
Тој потсети дека ЕБР низ изминатите децении се изградила како современа, добро обучена и доверлива полициска формација и оти нејзините припадници постојано ги усовршуваат своите способности и знаења, следејќи ги највисоките стандарди и прилагодувајќи се на новите безбедносни предизвици. Дополнително, кажа дека тоа што ја прави оваа единица посебна е фактот дека секој припадник е подготвен да преземе одговорност и да дејствува во најризичните ситуации, каде одлуките мора да се донесат за секунди. Во изминатите две и пол децении, кажа Тошковски, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните.
Во своето обраќање, Тошковски нагласи дека безбедносниот систем во изминатата година бил стабилизиран и консолидиран, иако, како што рече, било потребно многу работа и посветеност.
„Ова беше година на консолидација, но и покрај тоа постигнавме резултати какви што со години не биле постигнати. Разбиени се опасни криминални групи, расветлени се стотици кривични дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата и поднесени се десетици пријави за корупција. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од секој криминалец, од секоја мрежа и секоја коруптивна структура,“
рече министерот.