Децата што биле примени се на возраст од 10 до 16 години и сите се од Скопје. По дијагностиката, сите се пуштени на домашно лекување, од кои две биле со скршеници на рацете
Опасниот предизвик на Тик-ток, „Супермен“, е причина што 11 малолетници завршиле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Децата што биле примени се на возраст од 10 до 16 години и сите се од Скопје. По дијагностиката, сите деца се пуштени на домашно лекување.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов, вели дека оваа бројка на деца е примена во периодот од 2 декември до вчера до 13 часот.
Според Настов, кај две од децата има скршеници на рацете, а другите имале набиеници.
Во предизвикот дете со крената рака како Супермен се затрчува кон група која има испружено раце и откако ќе го фатат детето го фрлаат во воздух. Другите деца се тргаат настрана, а очекувањата се дека Супермен ќе „летне“, па на крајот ќе се спушти и ќе застане на нозе.
Но, во почести случаи детето паѓа наземи и се здобива со повреди.
Докторот Настов вели дека децата што биле во болницата му дале исто објаснување.
„Се испружуваат рацете како ликот Супермен. Групата го фаќа и го фрла предизвиканото момче или девојче во висина. Тоа е од она што мене ми објаснувале. Не сум видел и не можам да кажам точно. Има и машки и женски, деца“,
додаде Настов.
Тој апелира да не се прават во иднина ваквите работи, затоа што може да завршат со посериозни последици.
„За среќа, од овие 11 деца, две се само со скршеници на рацете, другите се со набиеници. Но, ако ова продолжи, може да има пострашни повреди. Доколку детето падне на глава, ќе има потешки повреди“,
додаде Настов.
На социјалните мрежи веќе се шири едно вакво видео, а е снимено во едно скопско средно училиште.
Досега во полицијата има пријавено само еден ваков случајот и тој се случил на 3 декември во близина на основно училиште во селото Зелениково.
Случајот во полицијата го пријавил родителот на детето кој рекол дека неговиот осумгодишен син по завршувањето на часовите се здобил со тешка телесна повреда при игра со соучениците.
„На 4.12.2024 во 13 часот во СВР Скопје, Ф.Д. (32) од село Пакошево, Општина Зелениково, пријавил дека на 3.12.2024, околу 12:30 часот, по завршување на часовите, во близина на основното училиште во селото Зелениково, Скопско, во кое учел, неговиот осумгодишен син се здобил со тешка телесна повреда при игра со соучениците. Повредата е констатирана во градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’ во Скопје“,
се наведува во информацијата објавена во полицискиот билтен.
Од МВР велат дека бил извршен увид од екипа од СВР Скопје и оти се работи на расчистување на случајот.
Предизвикот на Тик-ток, наречен „Супермен“, не е актуелен само кај нас. Најмалку 19 деца и тинејџери во израелските болници се со повреди, кои се движат од фрактури и потреси до губење на свеста. Десетици тинејџери во Романија се со скршеници и тешки трауми. Поради овој предизвик, во соседна Албанија се вклучи алармот каде што Управата за аудиовизуелни медиуми (АМА) испрати предупредување за родителите и тинејџерите да не наседнуваат на опасниот тренд.
Ова не е првпат поради предизвик на Тик-ток деца да завршат во болница. Пред две години малолетна девојка заврши со изгореници по телото по добиен струен удар додека била качена на вагон на железничката станица во скопската населба Маџари каде што снимала видео за социјалната мрежа Тик-ток.