„Добро е што конечно им текна дека треба да излегуваат на улиците и да си ги бараат соите права. Но, мислам дека во иднина ако имаме коректни односи меѓу двете синдикални организации дека да, за некој е вистинско право, а не изнудено право дека можеме заедно да излеземе низ улиците и да си ги бараме своите права“, велат од КСС

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) заедно со 11 грански синдикати денеска не учествуваат на првомајскиот протест организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски побара од сите што претендираат да бидат носители на новата влада да им ги презентираат нивните програми.
„Ние денеска нема пред кого да протестираме. Имаме техничка Влада, ќе имаме нова влада во текот на следниот месец. Бараме од сите тие што претендираат да бидат носители на таа влада, да дојдат и да ги презентираат нивните програми пред нас“,
рече Ралповски.
Тој додаде дека изминатите шест-седум години имаат направено стотици протести во државата, но на денешниот дека нема да се придружат.
„Добро е што конечно им текна дека треба да излегуваат на улиците и да си ги бараат соите права. Но, мислам дека во иднина ако имаме коректни односи меѓу двете синдикални организации дека да, за некој е вистинско право, а не изнудено право дека можеме заедно да излеземе низ улиците и да си ги бараме своите права“,
додаде Ралповски.
На денешниот првомајски протест, Ралповски рече дека нема да бидат СОНК, Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудство на Македонија, Синдикат за транспорт и врски, Синдикатот на станбено – деловни, комунални и водостопански организации на Република Македонија и неколку други.
За денешната свечена првомајска академија што се одржува во просториите на СОНК, Ралповски рече дека биле поканети сите политички партии за да ги презентираат своите економски програми, но оти поканата ја прифатиле само од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.