Судот го прогласи Љури за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 297 став 1 во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик
До правосилноста на пресудата Љури останува во притвор

Единаесет години затвор му определи судот на Фатон Љури, кој на 1 јули годинава, на пешачка патека на кејот на реката Вардар, во близина на Паркот на франкофонијата во Скопје, со мотоцикл го прегази 68-годишниот Југослав Николовски. Во висината на казната му се пресметува и времето поминато во притвор.
Исто така, судот му определи и казна забрана за управување со моторно возило од А-категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.
Обвинетиот се задолжува да ги плати и трошоците на постапката.
До правосилноста на пресудата Љури останува во притвор. Против оваа првостепена пресуда дозволена е жалба во рок од 15 дена до Апелацискиот суд Скопје.
Судот го прогласи Љури за виновен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 297 став 1, во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик.
Според пресудата, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци, со брзина од 35 километри на час. Притоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Југослав Николовски, кој како последица од тешките повреди на черепот и мозокот подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
За висината на казната Судот рече дека ги има земено предвид сите олеснителни и околности.
Читајќи ја пресудата, судијката рече дека како отежнувачки околности се земени и неговиот поранешен живот, кога бил правосилно осуден за непочитување мерки во време на пандемија, како и тоа дека против него се води постапка за неукажување помош на лице повредено во несреќа.
Како олеснувачки околности за висината на казната судијката ги наведе признанието вина и искреното каење. Сепак, таа потенцира дека за вакви сообраќајни несреќи со смртни последици е потребна построга казнена политика.
„Со таква неприлагодена брзина и со својата несоодветна постапка обвинетиот директно го довел во опасност животот на други лица предизвикувајќи тешки телесни повреди и смрт, што јасно покажува висок степен на негрижа, несовесност и опасно дивеење, за кои нема оправдување и кои го засилуваат карактерот на кривичната вина и отежнуваат при одмерувањето на казната“,
рече судијката.
Како друга олеснителна околност судијката рече дека е земено предвид тоа што обвинетиот има вереница со која чека дете и чија здравствена состојба е нарушена.
Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска нагласи дека делото е сторено со евентуална умисла, бидејќи обвинетиот бил свесен дека со движењето по пешачка патека ги крши сообраќајните прописи и може да предизвика штетни последици.
„Како олеснителни и отежнителни околности, согласно член 30 став 2 и 3 од Кривичниот законик, се ценат степенот на кривичната одговорност, јачината на повредата или загрозувањето на заштитеното добро, околностите под кои е сторено делото, однесувањето на сторителот пред и по извршувањето на делото, неговиот поранешен живот, личните прилики и други околности што се однесуваат на неговата личност. Отежнителни околности се и оние што на делото му даваат потежок облик“,
наведе судијката Марковска.
По изрекувањето на првостепената пресуда обвинителката побара Љури да остане во притвор поради тоа што смета дека е оправдан стравот оти ако биде пуштен, ќе се даде во бегство и ќе биде недостапен за органите на прогонот или, пак, ќе се крие за да ја избегне казната.
На ова бранителот на Љури, адвокатот Гоце Ристески, рече дека не се согласува со барањето на обвинителката и побара на обвинетиот да му биде определена мерка куќен притвор.
Но, судијката одлучи да му го продолжи притворот до правосилноста на пресудата.
Читањето на пресудата, семејството на Југослав Николовски го слушаше во солзи, а на крајот, заминувајќи вознемирени од судот, не сакаа да дадат изјава и само кратко прокоментираа дека казната не е за нив, туку за целото општество.
Обвинетиот Фатон Љури на едно од претходните рочишта призна вина за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода судењето продолжува.
