Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ вели дека со прошетката низ скопската чаршија и средбата со Али Ахмети, премиерот на Албанија дава до знаење оти во Македонија треба да се почитува волјата на Албанците како втора најголема етничка заедница, бидејќи победничка партија и коалиција на последните избори кај Албанците е „Европскиот фронт“

Албанскиот премиер Еди Рама при минатонеделната посета на Скопје, за време на самитот за Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, во придружба на Бујар Османи, други претставници на ДУИ и Арбен Таравари, прошета низ Старата скопска чаршија. Во дел од јавноста оваа сцена беше протолкувана како поддршка од Рама за Османи при евентуална негова кандидатура за градоначалник на Чаир.
Османи вели дека посетата не била наменета за политичка промоција, туку претставувала можност Рама првпат да ја види и да се запознае со скопската чаршија. На новинарско прашање дали премиерот на Албанија преку „фаворизирањето“ на опозицијата кај Албанците ја поминува пристојноста и оди преку линија на принципот на немешање во внатрешните работи, Османи одговара:
„Не, затоа што се носиме по еден принцип дека ја почитуваме волјата на граѓаните. На пример, ние не соработуваме со конкретни политички партии, официјалната комуникација со Тирана или Приштина е со партиите кои ја имаат довербата од граѓаните, исто е реципрочно и со Северна Македонија. Еди Рама соработува со политичките партии што ја имаат довербата на Албанците“.
Дополнително, поранешниот министер за надворешни работи вели оти овој потег на албанскиот премиер дава до знаење и е јасен сигнал оти во Македонија треба да се почитува волјата на Албанците како втора најголема етничка заедница, бидејќи победничка партија и коалиција на последните избори кај Албанците е „Европскиот фронт“.
360°: Ако сака да испрати порака за состојбите во друга држава, нели е тоа поминување на линијата?
Османи: Не, не е, туку е почитување на волјата на Албанците. Ако Албанците на последните избори…
360°: Ама тој е премиер на Албанците во Албанија.
Османи: Да, но таа соработка е легална. Може премиер да комуницира со политички партии, но сметам дека волјата на Албанците треба да се почитува оти тоа е демократски, а не посебен етнички принцип кој Албанија сака да го фаворизира, туку демократски чин дека волјата на заедниците треба да се почитува.