До несреќата дошло кога цистерната со вода што ја возеле се превртела при гасење пожар во област во близина на Подгорица. Поради смртта на пожарникарот, Владата на Црна Гора донесе одлука да го прогласи 14 август за Ден на жалост
Припадник на армијата на Црна Гора загина, а друг е повреден за време на гасењето на големите пожари кои од вчера ја зафатија земјата. До несреќата дошло кога цистерната со вода што ја возеле се превртела при гасење пожар во област во близина на Подгорица, соопшти црногорското Министерство за одбрана.

Оттаму наведоа дека Армијата во соработка со властите спроведува истрага за несреќата. Поради смртта на пожарникарот, Владата на Црна Гора донесе одлука да го прогласи 14 август за Ден на жалост.
Армијата, заедно со пожарникарите и полицијата, втор ден по ред се обидува да ги стави под контрола пожарите што ги зафатија областите околу Подгорица и на црногорското крајбрежје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на Црна Гора, Миодраг Бешовиќ, изјави дека денеска ситуацијата е постабилна, но дека не може да се предвиди развојот на ситуацијата.
По активирањето на ЕУ-механизмот за цивина заштита, во земјата пристигнаа „канадери“ од Хрватска и Италија, Србија испрати хеликоптер „камов“ и седум припадници на полицијата, а помош најави и Австрија.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ изјави дека постојат индиции дека некои од пожарите се подметнати.