Семејството на првоодделенецот доставило потврда од лекар до училиштето, а во изолација е и неговата сестра (третоодделенка). Другите два случаи се сомнителни, односно директорот усно бил информиран за двајцата ученици и тие се во изолација. Училиштето презело повеќе мерки, меѓу кои и дезинфекција
Заразна болест шуга е потврдена кај еден ученик од прво одделение во основното училиштето „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце, а тројца ученици се сомнителни и се во изолација, соопштија денеска надлежните од училиштето. Како што информираа тие, денеска на терен биле екипи од Центарот за јавно здравје кои извршиле увид.
Семејството на првоодделенецот доставило потврда од лекар до училиштето, а во изолација е и неговата сестра (третоодделенка). Другите два случаи се сомнителни, односно директорот усно бил информиран за двајцата ученици и тие се во изолација. Училиштето презело повеќе мерки, меѓу кои и дезинфекција.
„Само за еден случај имаме потврда дека има шуга, а за другите ученици имаме усна информација. Тие деца седат дома. Едната е сестра на ученикот за кој имаме потврда. Тој ученик што е изолиран не доаѓа од петокот и заедно со семејството се во изолација до 22 февруари. За другите само вака усно знаеме дека има нешто, меѓутоа немаме официјална потврда“,
изјави директорот на училиштето ‘Кирил и Методиј’, Скендер Рушити.
Тој додаде дека сите училници и простории биле исчистени и дезинфицирани за време на викендот, а епидемиолошката служба денеска доставила и дополнителни средства за дезинфекција.
Од Центарот за јавно здравје најавија повеќе детали по завршување на увидот.
„Преземавме мерки – дезинфекција на училиштето, исчистено е, сите простории се дезинфицирани. Денеска дојде и докторка епидемиолог, разговараме како понатаму да се постапи, кои се советите. Наставата продолжува со нормален тек. Наставничката по биологија одржа час за инфективни болести, децата ги запознаваме со појавата на оваа болест. Наставниците и учениците редовно си доаѓаат“,
изјави Рушити.
Шугата е заразна болест која бргу се шири. Децата често заболуваат преку блиски контакти, а најчесто болеста се шири во целото семејство. Иако се смета за болест од минатото сепак, се појавува повремено со по неколку случаи на годишно ниво.