Кај хоспитализираниот пациент единствено се забележани промени на кожата, конкретно во генитална регија, што било и причина тој првично да се јави кај дерматолог, од каде што подоцна бил упатен на испитувања во Институтот за јавно здравје. Негирал дека имал некаков контакт со заболен од мајмунски сипаници
Еден од двајцата пациенти кај кој се дијагностицирани мајмунски сипаници е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје и е во стабилна состојба, информира директорот на Клиниката, Фадил Цана. Пациентот бил примен на Инфективна синоќа околу полноќ откако го добил позитивниот резултат на мајмунски сипаници.

„Пациентот е прегледан и во тој момент немал никаква клиничка слика што би упатила на таква болест, но бидејќи имаме потврден лабораториски случај по напатствијата и протоколите треба да е под опсервација. Пациентот прифати да биде хоспитализиран и е во добра општа здравствена состојба. Пред малку го посетив пациентот, во одлична здравствена состојба е, освен лезиите што ги има во одредена регија на телото од кои е земен примерок и со лабораториско докажување потврдено е присуство на мајмунска сипаница“,
рече директорот на Инфективната клиника во изјава за медиумите.
Кај хоспитализираниот пациент единствено се забележани промени на кожата, конкретно во генитална регија, што било и причина тој првично да се јави кај дерматолог, од каде што подоцна бил упатен на испитувања во Институтот за јавно здравје. Негирал дека имал некаков контакт со заболен од мајмунски сипаници.
Вториот пациент кај кого е потврдена заразата сè уште не се јавил на Инфективна за преглед и хоспитализација.
Директорот на Инфективната клиника вели дека за оваа болест нема специфични лекови никаде во светот. Постојат, како што рече, одредени вирусни лекови кои им се даваат на пациентите со тешки облици на заразата.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, претходно денеска изјави дека двајцата заразени пациенти со мајмунски сипаници се мажи од Скопје на возраст од 44 и 40 години. Двата случаи, како што рече, не се поврзани.