Директорот на Агенцијата за лекови вели дека на петокот се завршени сите проверки на сертификатите
Во земјава ќе се увезува од Јапонија и Турција
Лекот фавипиравир, кој според светските клинички студии дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот, се очекува набрзо да пристигне во државава, изјави за МИА директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани.
Лекот, посочи, е одобрен од Агенцијата за лекови, и се продава со различни трговски имиња: „авиган“ од Јапонија и „фавира“ од Турција.
„Една од компаниите најверојатно ќе го донесе ‘авиган’ оригиналниот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од нас. Другата компанија сака да го увезе лекот ‘фавира’ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава“,
рече Шабани.
Тој рече дека конечно минатиот петок се завршени проверките на сертификатите и сите други законски обврски, при што Комисијата за заразни болести дала зелено светло за увоз на овој лек кај нас. Лекот ќе биде дистрибуиран главно во болниците.
Шабани вели дека главната намена на лекот не е коронавирусот, и тој се употребува веќе шест години во Јапонија за лекување други болести. Но искуствата, стручните студии, клиничките студии, што ги прават во целиот свет, покажуваат дека дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот.