„Пред куќата на таткото на жртвата двајцата обвинети дошле заедно со такси и го повикале oштетениот да излезе. Кога тој се појавил на влезната врата, првообвинетиот извадил пиштол и истрелал еден проектил директно кон оштетениот. Тој го забележал оружјето навреме и веднаш се повлекол зад вратата која автоматски се заклучува, а куршумот завршил во ѕидот“, соопшти ОЈО Скопје

37-годишник е обвинет дека извршил обид за убиство во скопското село Мирковци, каде во декември минатата година пукал со пиштол кон едно лице, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Во истиот случај обвинето е уште едно лице за помагање по извршување на делото.
„Обвинетиот 37-годишник, поради нерасчистени претходни должничко-доверителски односи, на 10.12.2024 година во селото Мирковци сo умисла се обидел да лиши од живот едно лице. Пред куќата на таткото на жртвата двајцата обвинети дошле заедно со такси и го повикале oштетениот да излезе. Кога тој се појавил на влезната врата, првообвинетиот извадил пиштол и истрелал еден проектил директно кон оштетениот. Тој го забележал оружјето навреме и веднаш се повлекол зад вратата која автоматски се заклучува, а куршумот завршил во ѕидот, веднаш до рамката од влезната врата“,
соопшти Обвинителството.
Според Обвинителството, обвинетиот почнал да тропа и да удира со нога по вратата, обидувајќи се насилно да влезе во куќата, но не успеал, по што двајцата обвинети заедно избегале.
„Вториот обвинет, за да му помогне на првообвинетиот по извршеното кривично дело, го зел кај себе пиштолот. На 23.12.2024 година со истиот пиштол сторил кривично дело – предизвикување општа опасност, за што врз основа на признание на вина е осуден на 22.01.2025 година“,
пишува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител, заедно со обвинението, поднел и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот. Вториот обвинет, пак, е во притвор до правосилност на пресудата за предизвикување општа опасност која му е изречена.