Британскиот премиер Борис Џонсон денеска се состанува со високи владини претставници за да ги финализира мерките за намалување на рестрикциите кои треба да бидат објавени утре
Британската влада објави дека секој возрасен жител ќе ја прими првата доза на вакцината за коронавирус до 31 јули, еден месец порано од претходно планираното.
Целта е сите над 50-годишна возраст, или лица со хронични болести, да ја примат првата вакцина до 15 април, за разлика од претхпдно поставениот рок на 1 мај.
Иако производителите на двете вакцини што ги користи Велика Британија, „Фајзер“ и „Астра Зенека“, се соочуваат со проблеми со доставување на договорените дози во Европа, сепак, британскиот министер за здравство Мет Хенкок смета дека сега имаат доволно залихи за да ја забрзаат кампањата за вакцинација.
Повеќе од 17,2 милиони луѓе досега ја примиле првата од двете дози на вакцината од почетокот на кампањата за имунизација во Велика Британија на 8 декември.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска се состанува со високи владини претставници за да го финализира планот за постепен излез од националниот карантин, а тие мерки треба да бидат објавени утре.
Повеќе од 120 000 луѓе починаа како последица од коронавирусот во Велика Британија, што е најмногу од која било земја во Европа.