Францускиот претседател во објавата на Икс не наведува кој стои зад нападот, а нема ни дополнителни информации од други извори од каде дошло беспилотното летало
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, рано утрово потврди дека еден француски војник е убиен, а неколку се повредени во напад што се случил во регионот Ербил во Ирак.

Француската војска вчера соопшти дека шестмина нејзини војници, кои спроведувале обуки за борба против тероризмот, биле ранети во напад со беспилотно летало. Нападот, како што беше соопштено, се случил само неколку часа откако цел на напад била и италијанска база во истата област.
Франција, пренесуваат медиумите, има стотици војници стационирани во регионот Ербил како дел од поширока меѓународна коалиција за борба против милитантите на терористичката организација „Исламска држава“ во оваа област.
Осудувајќи го нападот, Макрон во објава на социјалната платформа Икс наведе дека офицерот Арно Фрион загинал за Франција и дека неколку војници на земјата се повредени во нападот.
„Овој напад врз нашите сили вклучени во борбата против Даеш (погрдно име за ‘Исламска држава’) од 2015 година е неприфатлив. Нивното присуство (на француските војници) во Ирак е строго во рамките на борбата против тероризмот. Војната во Иран не може да ги оправда ваквите напади“,
напиша францускиот претседател.
L’adjudant-chef Arnaud Frion du 7ème bataillon de chasseurs alpins de Varces est mort pour la France lors d’une attaque dans la région d’Erbil en Irak.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) March 13, 2026
À sa famille, à ses frères d’armes, je veux dire toute l’affection et la solidarité de la Nation.
Plusieurs de nos militaires…
Макрон не наведува кој стои зад нападот, а нема ни дополнителни информации од други извори од каде дошло беспилотното летало.
Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на три ирачки безбедносни извори и два извори блиски до милитантни групи, пишува дека ирачките шиитски милитанти во последните три до четири дена ги интензивирале нападите со беспилотни летала и ракети врз американски позиции во Ирак.
Гувернерот на Ербил, Омед Кошнав, изјавил дека нападот со дронови се случил во областа Махмур.
Воздушниот напад во кој во текот на ноќта била погодена и италијанска воена база во ирачки Курдистан, според Министерството за одбрана на земјата, бил намерен, а целта бил објект во кој е сместен персонал на НАТО.
Франција, во меѓувреме, распоредува околу десетина бродови, вклучително и нејзината ударна група носачи на авиони, во Медитеранот, Црвеното Море и потенцијално во Ормускиот Теснец, како дел од одбранбената поддршка на сојузниците загрозени од конфликтот на Блискиот Исток.
Соединетите Американски Држави (САД) и Израел на 28 февруари започнаа напади врз Иран, по кои Техеран возврати со напади врз американски бази низ регионот, како и врз цивилни локации, вовлекувајќи го Блискиот Исток во ескалирачки конфликт.
