Според Андоновски, е-трговијата бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), Нина Ангеловска-Станков, вели дека дигиталната зрелост на регионот сè уште е на ниско ниво и оти мораме да работиме за да ја забрзаме

Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Андоновски, кој денеска беше на отворањето на осмата регионална конференција „Е-комерц“ во Скопје, вели дека Владата ја потврдува посветеноста кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата.
Тоа, рече тој, се прави преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите.
Според Андоновски, е-трговијата бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
Интероперабилноста, додава тој, е овозможена за повеќе од 76 институции и компании, и со повеќе од 2,6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260 отсто тоа претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор.
„Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“,
рече Андоновски.
Андоновски додаде дека во рамките на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање.
„Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачката интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар“,
кажа министерот.
Тој потсети и на националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ кој развива ВИ-решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
Според него, намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава и додаде дека Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација.
Во следниот период, Андоновски рече дека Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), Нина Ангеловска-Станков, пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија изјави дека дигиталната зрелост на регионот сè уште е на ниско ниво и оти мораме да работиме за да ја забрзаме.
„Во просек 27 отсто од компаниите на Западен Балкан продаваат онлајн, но има нерамномерен развој. Ако имаме земји со 48 отсто, а Македонија има само 19 отсто од компаниите да продаваат онлајн. Во просек само два проценти од компаниите од Западен Балкан користат алатки за вештачка интелигенција, за подобрување на работата и продуктивноста и во е-трговија исто така. Во Македонија само еден процент од компаниите користат алтаки за вештачка интелигенција“,
рече Ангеловска-Станков.
Според неа, не сме доволно подготвени за да ги искористиме придобивките од користењето вештачка интелигенција.
